Која е Чурим Долма Шерпа

Вечерва од 19 часот во просториите од амфитеатарот на Сојузот на студенти при Медицинскиот факултет во Скопје во организација на АК Матка и Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина ќе гостува Чурим Шерпа, име кое стои зад рекордот наречен – два пати Еверест во текот на една недела. Читнете нешто повеќе за Чурим, а вечер имате можност и да ја запознаете. 

Чурим е родена 1984 година во источен Непал, во близина на областа Таплејунг во подножјето на Кагнџенѕунга – еден од 14-те врвови повисоки од 8000 метри над морето. Таа моментално работи како професионален планинарски водич и е ко-сопственик на туристичка агенција која организиара ваков тип на експедиции по Хималајскиот масив, а своевремено го има поставено рекордот од две искачувања на Монт Еверест во текот на една недела. 

Според изјавите кои можат да се пронајдат на интернет Чурим вели дека мотивацијата и инспирацијата за овој подвиг ги пронашла во Пасанг Ламу Шерпа, првата жена од Непал која го искачила Еверест но починала на симнувањето. Тогаш, петтодделенката Чурим решила да зацрта некои од плановите за нејзината иднина, да постигне виден резултат за женскиот непалски алпинизам и планинарство. 

Во 2010 година таа се вклучува во сериозни подготовки за Еверест под водство на Непалската Планинарска Асоцијација и во тој период таа се подготвува на различни полиња за нејзиниот план.

Во 2012 година на 12 мај таа за прв пат успева да се стапне на Еверест, а само 7 дена подоцна (два дена одмор во базен камп), на 19 мај таа го повторува нејзиниот подвиг со што станува првиот човек кој го има качено Еверест два пати за толку кратко време.

Историски гледано на Хималаите и конкретно на Еверест биле поставувани многу рекорди, но ниеден го нема предизвикано овој сериозен подвиг. Рекордот на Чурим беше прогласен од страна на Гинисовата книга на рекорди една година подоцна во 2013. 

Повелете денеска на „Средба со Чурим Долма Шерпа” и имајте чест да ја запознаете оваа скромна хималајска жена. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија