Кога комарците напаѓаат, возвратете го ударот

Лето, плажа, сонце, спортување на отворено… и комарци. Преземете акција за да им бидете одбивни на овие крвопијци или ако веќе сте им слатки еве како да ги намалите ефектите од убодот…

Студиите покажуваат дека некои луѓе се повеќе подложни на убоди од комарци отколку други. Бременост, нулта крвна група и покачена телесна температура се само неколку фактори кои им се допаѓаат на комарците. Освен што нивните убоди се непријатни и чешаат, комарците се преносители и на заболувања како западно нилската треска.

Освен комерцијалните препарати против убоди од комарци кои често се преполни со токсични супстанци, сигурно на дофат веќе имате некои од следните природни состојки кои може да ве спасат од убоди во топлите летни ноќи.

За валеријаната се смета дека ќе ги одбие комарците дури 10 пати повеќе од комерцијалните производи. Најдобро е да ја користите во вид на масло, растворено во бебешко или маслиново или едноставно листовите валеријана протријте ги на најтоплите места на телото како вратот и внатрешните делови на зглобовите.

Сличен ефект како валеријаната има и маслото од лаванда. Едноставно во бебешкото масло додадете неколку капки масло од лаванда и третирајте ја кожата. Од една страна ќе имате мека и миризлива кожа, од друга страна комарците ќе ве заобиколат. Букет лаванда можете да поставите и на балконот.

За миризлива кожа, ама во негативна конотација, и против убоди од комарци, друг ефективен препарат е лукот. Но лукот е ефективен и во намалување на социјалниот момент, па го спомнуваме само од информативни причини.

Се вели дека ако ја протриете кожата со лушпа од банана, ќе ги одбиете комарците од вас, но истражувачите не добиле јасни докази за ова тврдење, дури во неколку испитувања се докажало спротивното, дека станувате “посластица” за комарците. 

Друга ефикасна билка која може да расте во сечиј двор е матичњакот или лимоновата трева. На следниот линк прочитајте повеќе за матичњакот, а ќе најдете и рецепт за масло од лимонова трева, кое можете да го користите во борбата против инсектите, но и за други намени. МАТИЧНА БИЛКА ЗА СЕЧИЈ ДВОР

 Прва помош ако ве каснал комарец? Имајте лимон при рака и веднаш втријте малку на местото на убодот. Воздржете се од чешање на убодот бидејќи така само ќе ја продлабочите хистаминската реакција. Можете да ставите и облога од сода бикарбона и вода, памукче натопено во јаболков оцет или паста од јаболков оцет и нишесте. Секако тука и ладната облога или алое вера се од голема помош.

Од друга страна запаметете ги и овие совети: светлата облека ги одбива комарците, додека темната или флорална облека ги привлекува. Острите цитрусни парфеми ги одбиваат, додека благите цветни ги привлекуваат. Се смета дека повисоки вредности на алкохол во организмот исто така ги привлекува комарците.