Наслов

Картонски велосипед

Овој велосипед е речиси целосно изработен од картон и има потенцијал да ги промени навиките во начинот на патување ширум светот, во најпроментните градови но и во најсиромашните краеви на Африка.

Изумителот на овој велосипед, педесетгодишниот израелец Изар Гафни е велосипедист аматер кој со години планирал да создаде велосипед од картон.
По многу безуспешни обиди, неговиот најнов прототип е одличен и ќе започне со масовно производство за неколку месеци.

"Од секогаш сум бил фасциниран од неконвенционалните технологии и материјали и во неколку наврати се обидував да ги поврзам. Но кулминацијата се случи кога некои работи се поврзаа и си дојдоа на свое место. Да изработиш картонска кутија е лесно, таа кутија ќе биде силна и издржлива, но да се направи велосипед од картон беше исклучително тешко. Морав да го пронајдам вистинскиот начин на преклопување на картонот во неколку различни насоки. Тоа траеше една и пол година, со многу тестирања и неуспеси се додека не успеав да го пронајдам вистинското решение", изјавува Гафни.

Картонот изработен од каша од дрво е создаден уште во 19 век. Се употребувал како здрав материјал за пакување и за заштита на вредни предмети, но картонот никогаш не бил доволно цврст за да се изработуваат предмети претходно изработени од многу посилни материјали како на пример металот.
Откако формата е определена и картонот е исечен со потребните димензии, тој се третира со тајната состојка од органски материјали за да добие водоотпорни и огноотпорни својства. Потоа се лакира со лак боја. Гафни ја тестирал издржливоста на ваквиот картон со тоа што го чувал во резерварот за вода неколку месеци, но картонот ја задржал цврстината и компактноста.

Кога ќе биде подготвен за производство овој велосипед ќе биде без метални делови, па дури и механизмите на кочниците, тркалата, лежиштето на педалите, се ќе биде направено од рециклирани материјали. Возењето на прототипот од овој велосипед воопшто не се разликува од возењето на обичните велосипеди.

Поради тоа што велосипедот е создаден од "зелени" материјали, нема да има никакви трошоци за негово производство, што значи дека ваквите велосипеди ќе може да се подаруваат во сиромашните земји. Но дизајнерите ќе заработуваат од рекламирање на големи компании на рамката од велосипедот.
Елмиш изјави дека за шест месеци ќе биде завршена првата линија производи за урбан велосипедизам во кои има допонителен електричен мотор.

Овие велосипеди се многу лесни и не можат да се расипат затоа што имаат цврсти гуми кои се направени од рециклирани стари автомобилски гуми кои никогаш нема да се дупнат. Наместо велосипедска верига овој велосипед има ребрест автомобилски појас и тежината на велосипеди ќе изнесува 9 килограми. Гафни предвидува дека во иднина ваквиот картон ќе може да се користи во автомобилската и авионската индустријата.

 

16 Октомври 2012

За авторот