Како „Штрајф” ги меле скијачите

Штрајф е името на спуст патеката на планината Ханенкам во Кицбил, Австрија, надалеку позната како најопасната спуст патека во светот. Овој викенд во Светскиот скијачки Куп во Кицбил, поточно на едно единствено место од спуст патеката се тумбаа 4 од 5 првокласни скијачи. 

Приказната дека пред стартот на Штрајф никој од скијачите во стартниот дел не зборува со никого е доволна за доловување на сериозноста на оваа патека.

Штрајф (Die Streif) е долга 3,3 километри, а низ самата стаза се спуштаат 860 вертикални метри од стартот до финишот. Просечниот агол на самата падина е 27% (15,1 степен) а во нејзините најстрмни делови оваа бројка оди и до 86% односно 40 степени.

Токму овој дел, познат како Mausefalle – во превод „стапица за глувци” е делот со најголема стрмнина на стазата (86%) и е виновен за најголем дел од падовите и сериозните скијачки незгоди. За тоа говори и погорното видео од овој викенд каде неколку првокласни скијачи ја изубија контролата и завршија во оградата.

Стапицата за глувци е вториот скок од спустот на Штрајф, а одма после првиот дел (скок – наречен Startschuss) скијачите добиваат големо забрзување после што следи „Маусфеле” – скок со компресија. Во превод тоа е огромен скок кој преминува во најстрмниот дел од падината кој брзо се исправува и преминува во огромна кривина на лево. Овде се развиваат огромни гравитациони сили кои доколку не се издржат исходот може да биде фатален.

Просекот на брзина со која скијачите се движат на Штрајф е 100 km/h, а рекордот поставен од Михаел Валхофер во 2006 година е 153 km/h. Во скијачката историја се случувале бројни незгоди на Штрајф кои завршувале и со згаснување на некои кариери, па дури и на обични тренинг спуштања.

Подоле можете да го видите трејлерот за филмот на Атомик – Streif – One Hell Of A Ride кој ако го следите и разбирате скијањето ќе ве наежи до коска.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија