Извидниците во мисии за добро дело 2018

И оваа година извидниците од Прв Скопски Извиднички Одред беа дел од акцијата „Направи добро дело 2018″ која беше поддржана од Сојуз на извидници на Македонија по повод Светскиот ден на извидничкото движење 22 февруари и раѓањето на основачот на извидништвото Роберт Баден Пауел.

Прв Скопски Извиднички Одред (ПСИО), уште познат како ИО Маршал Тито, е најстариот извиднички одред во Република Македонија. Формиран е есента 1952 година, за подоцна во 1953 година да се регистрира во Сојуз на Извидници на Македонија (СИМ).

Во текот на годините ПСИО го има променето своето име во чест на некогашниот претседател на тогашна СФР Југославија Маршал Јосип Броз Тито, но по осамостојувањето на Република Македонија извидничкиот одред го враќа примарното име во Прв Скопски Извиднички Одред. ПСИО е регистриран како невладина, самостојна, неполитичка, непрофитна, доброволна и воспитна организација за деца и млади, отворена за сите без оглед на националната или верската припадност. ПСИО е дел од Светското извидничко движење (WOSM) и како таков опстојува и се темели на основните вредности на Извидништвото.

Во нашето извидничко друштво, членуваат преку 100 активни извидници кои се категоризирани во повеќе возрасни групи. Извидниците од 6 до 10 години се во група на јато и се нарекуваат развигорци, од 11 до 14 години тие влегуваат во патрола и се нарекуваат помлади извидници, од 15 до 21 година формираат младински клуб на извидници и се нарекуваат истражувачи и над 21 година извидниците се нарекуваат ровери. Во ПСИО извидниците се распределени во 5 јата, 4 патроли, 2 клуба на средношколци и 1 клуб на ровери кои се водени од свои водачи, волонтери.

Мисијата на извидниците е да придонесат во образованието на младите, преку систем на вредности врз основа на извидничкиот Завет и Закони, да помогнат да се изгради еден подобар свет, каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството. Ова се постигнува со вклучување на младите во не-формалниот образовен процес со користење на специфичниот извиднички метод што секој поединец го прави главен агент во неговиот или нејзиниот развој.

И оваа година извидниците од Прв Скопски Извиднички Одред беа дел од акцијата „Направи добро дело 2018″ која беше поддржана од Сојуз на извидници на Македонија по повод Светскиот ден на извидничкото движење 22 февруари и раѓањето на основачот на извидништвото Роберт Баден Пауел.

Посветеност за општествено корисни активности и определбата за вклучување на извидниците од сите возрасни категории придонесоа за голем одзив кај сите наши членови, кои максимално се потрудија сите активности да бидат успешни но и многу атрактивни.

Активностите се одржаа во различни денови во периодот од 15 до 24 февруари 2018 година.

Извидниците од клубовите Игуани и Лемури годинава ги посетија и се дружеа со средношколците од ДУЦОР „Партенија Зографски” – Скопје. Своите старо – нови пријатели ги обучија како да користат лак и стрела, кои се извидничките јазли и нивната примена, а им ги пренесоа и своите искуства во поставување на шатор како дел од извидничката опрема.

И патролата Рисови беше активна и своето добро дело го посветија на уличните кучиња, обезбедувајќи им храна во овие ладни денови. Во ова хумано дело им се придружија и развигорците Каја, Шериф и Тео кои изразија желба да бидат дел од оваа интересна активност. Веста за ова добро дело медиумски ја подели и Светската извидничка организација како пример – што се активни извидници и грижа за заедницата.

Пред 3 години не нарекоа Робин Худ на денешницата и не сакаме да го изгубиме епитетот. И оваа година традиционално подготвувавме сендвичи во Домче и излеговме да ги поделиме на гладните по скопските улици. Сендвичите се делеа низ центарот на градот, под Камени мост, низ чаршијата, но дел оставивме и во Соборниот храм. Титулата Робин Худ на денешницата оваа година им припадна на јатото Коприви и водачот Ивана, која ниту една година не го има пропуштенпо овој гест.

Развигорците од јато Бонсаи беа во мисија за уште едно добро дело. Тие беа во посета на Домот за деца без родители „11 Октомври”. Извидниците организираа многу активности за нивните другари меѓу кои врзување јазли, кревање на шатор и секогаш најинтересното стреличарство. Огромно браво за нашите развигорци од јато Бонсаи, кои беа водени од нивниот водач Софија со поддршка од Сара и Николај.

Годинава, јато Фикуси го посети дневниот центар за деца на Меѓаши во населбата Аеродром. Во оваа институција сме прв пат и запознавме многу нови деца со извидништвото во Македонија и со активностите кои ги правиме. Им покажавме неколку интересни извиднички вештини, но организиравме и кул полигон кои го минуваа преку натпревар. Среќата и насмевките ни се доказ дека навистина одлично си поминаа сите. Огромно браво за јато Фикуси нивниот секогаш подготвен водач Чаки како и Бојан Ѓошев кои го направија овој ден супер забавен.

Соработката низ изминатите години ја продолжуваме со нашите извидници од Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари. Како дел од активностите за добро дело патрола Бувови оствари супер дружба кај овие деца со кои покрај нови игри, ги научивме на вештината сигнализација преку семафор – со помош на извиднички знаменца.

Патрола Лилјаци своето добро дело го посвети на дружењето со децата од „Трисомија 21″, здружение за лица со Даунов синдром. Заедничкиот ден го поминаа во градскиот парк учејќи шаторизација и вештина за стреличарство. Сите ние сме исти и заслужуваме еднаков третман е чувството на нашите извидници кои се дружеа во паркот. Голема благодарност до Маг, извидник волонтер од Франција и Чаки кои помогнаа да се реализира оваа активност.

Меѓу низата акции за Добро дело спроведени од ПСИО, традиционално СИМ организираше Дарување крв со што им даде можност на сите хумани луѓе да помогнат. На оваа акција голем одзив имаше и од родителите на извидниците и сите волонтери кои безресервно им помагаат во мисијата при правење на светот подобро место за живеење.

Целата акција „Направи добро дело” и прославата на Светскиот ден на извидништвото заврши со централен настан кој се одржа во градскиот парк во Скопје. Патрола Кобаја и јато Бамбуси на овој настан подготвуваа вкусни колачиња и чај кои ги делеа на сите присутни извидници и останатите посетители во паркот. На централниот настан учествуваа над 80 извидници од нашиот одред, кои се забавуваа на разни работилници.

Линкови до целосните албуми од сите акции:

p.p1 {margin: 0.0px 0.0px 8.0px 0.0px; font: 11.0px Arial; color: #0000ff; -webkit-text-stroke: #0000ff; background-color: #ffffff} span.s1 {font-kerning: none; color: #1d2129; -webkit-text-stroke: 0px #1d2129} span.s2 {text-decoration: underline ; font-kerning: none; color: #0000ff; -webkit-text-stroke: 0px #0000ff} span.s3 {text-decoration: underline ; font-kerning: none}

1. Клуб Игуани & Лемури_Добро дело 2018

2. Јато Коприви_Добро дело 2018

3. Јато Бонсаи_Добро дело 2018

4. Јато Фикуси_Добро дело 2018

5. Патрола Рисови_Добро дело 2018

6. Патрола Бувови_Добро дело 2018

7. Патрола Лилјаци_Добро дело 2018

Биди подготвен!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија