Истра 2016 – Исто време, многу искуство

Фактот што после крајно ѓаолска коинциденција на мојот втор настап на истата трка на 100-те Милји на Истра јас имам скоро идентичен резултат т.е. само 15 секунди побрз на трка од 110 километри, наговестуваше една добра рекапитулација на сè она што ми се случи и вадење на солидно наравоучение од авантурата. Сепак, најубавите поуки се вадат од сопствените грешки, нели?

Ми требаа неколку дена и првиот трчачки тренинг за истегнување на нозе до Дукино на Водно (вон стандардниот велосипед кој нон-стоп го вртам, особено после сериозно трчање) после овогодинешната 110ка на Истра за да обработам голем дел од сегментите кои ги поминав на мојата трета „во прави зборови” ултра планинска трка, а делумно и да се навратам на претходните години.

На Истра 2015 година прв пат се кандисав да отидам над 65-те километри кои така сосема случајно ги поминав на Крали Марко 2014 (мојата прва официјална трка во животот). Оттогаш се заразив со планинското трчање и многу бргу таа зима се решив дека сакам поголем предизвик – па одлуката падна на Истра поради екипата која се собра. Одлична можност да бидам со поискусни во таа работа и да научам нешто повеќе.

Таа 110ка беше губење на невиност во секоја смисла на зборот. Башка ултра како ултра носи еден тон предизвици, па не истури дожд, премрзнав жив, ама на крајот бев презадоволен и исполнет. Едноставно кажано, се што е над 10-11 часа е друг универзум кога во прашање се ваквите спортови. И со какви такви сили успеав да завршам таа трка за време од 19:20 што реално за прв таков подвиг е одлично.

После тоа, за мене следеа неколку одлични настапи на Орехово, КМТ 2015, и некои не толку одлични (во однос на настинки и слаба спрема, задоволството е секогаш тука да се разбереме) на Кортина, Шарпланински и Кападокија Ултра, но сè на сè спортот целосно ме обзема со неговата едноставност, а во исто време комплексност.

Трчање ултра за мене претставува ултимативниот тест на дисциплина. Тука нема трте-мрте – или ќе бидеш на ниво или чао рагаци, ќе се распаднеш. Едноставно мораш да бидеш подготвен до најфин детал, како физички од секој аспект, така и ментално – елементот каде најмногу се крши чечкалицата. Башка јако е знате зошто? Затоа што иста стаза денес и утре е сосема друга приказна. Сè тече, сè се менува, сè е нерамно, сè  сака да те скрши, сè сака да плачеш, а кога ќе успееш – сфаќаш дека границите меѓу добро и лошо, просечно и перфектно, досадно и ултра-забавно се многу тенки и лесни за поминување. Само треба да знаеш и да сакаш да ги играш.

Да се навратиме на скорешниов период. Истра 2016 наговестуваше одлични услови за трчање. Мирно време, скоро полна месечина. Рутата за мене беше позната до детал. Знаев дека ги обожавам успоните, камењата и стрмните спуштања до Бузет, а го мразам вториот дел со тоа рамнишките до Умаг, но што е тука е, едноставно во план беше да се пробам и овојпат да ја истерам како што треба, можеби за 16 часа до крај.

Оваа година екипата која беше на трката беше ѕвер. Бевме дојдени 15 души плус две пријателки од Америка и Шкотска како и Синиша од Врање, и сите бе брат трчавме, никој немаше во логистика. Браво (иако фалеше логистика).

Нејсе, Жико го испративме на 100те милји, ние бевме 8 души на 110, останатите беа – двајца на 69 и повеќе на фан рејс 😀 42К од Мотовун до Умаг – сите детали ќе ги најдете тука.

Да не должам многу, планот за првиот дел до Бузет ми беше следен: Поклон – Бругудец – Трстеник – Бузет т.е. првите четири контролни да ги одам грубо 2 – 4 – 6 – 8 часа т.е. за 8 и нешто ситно да бидам веќе во Бузет на скоро 60км со над 3000 висинска поминати. Се движев одлично, се осеќав уште поодлично и бев задоволен од своето темпо. Можеби на крај некаде сабајлето кога бев сам имав изгубено малку од темпото, и во Бузет стигнав за 8 и 35 минути. Ништо страшно, одлично се осеќав, а до тој дел трката ја изработив како учениче пред прв диктат – ен – два – три / два – два – три…. Бев презадоволен.

Киксот беше сосема несвесно направен. Дојдов во Бузет и наместо да јадам како вол (затоа што за време на ултра ако мислиш дека си доволно најаден се лажеш), јас каснав од тоа оризот три зрна, една никаква чорба и некако многу тенко. Нешто што мислам дека се испостави како главна грешка. На излегување се најдов со Енди од Австрија со кој делумно се дружевме ноќта и тргнавме накај Опртаљ – едно 17км без окрепа.

Веќе беше 9 часот сабајле, а се осеќаше некако како да жежи. Првиот дел до реката и замокот ги поминав топ, па и голем дел од успонот и во еден момент, сфаќаш како некој да те прашува – дека бе другарче? И им испраќаш телеграма на твоите нозете. Едноставно ги осеќаш аут оф спејс, не се веќе твои. (дообјаснување – Го викале ѕидо 🙂

Слабиот внес на течности и кока-кола кои некако како воопшто да не ми се внесуваа во тој период, заедно со слабото јадење во Бузет си го направија своето, а после тоа веќе враќањето е исклучително тешко.

Кризата беше неминовна и многу брзо капитулирав и потпишав за забава. Залегнав во една трева, едноставно не ми се форсираше а и немав бре човече шанса, па викам дај да одморам, да почнам да пијам течности. И се свртев во една трева, под една сенка, и ете ти ги доаѓаат, кој од 100 милји, кој на мојата трка, кој од помалите. Шоу, почнав во сред пустелија да им урлам на секој што поминуваше, а луѓево така добро им доаѓаше што забораваа да ме прашаат дали сум жив.

Се сретнав и со Жико и Роко. Кога ќе видиш свој човек друго е. Ко да сме седнале на кафе, еден тон муабети. И Жико врати енергија и почнавме заедно да трчаме. Иако пред Бује и тие ми избегаа, на последната контролна дремев уште добри 30-40 минути и се најдов со Тина, Пирко и Јосифов. Топ – до крај малку го пцуевме хектарот, ама кога пристигнавме на финиш се е поинаку. И пак бев побрз, за дури 15 секунди.

Страшно интересен е овој спорт. Нема его и лупање во гради. Едноставно мораш да ја сакаш и почитуваш природата и себеси во неа.

Се гледаме на планина.

Сите слики се мои, освен тие што не се мои – тие се на Дејан