Пред тргнувањето на Нанга Парбат

Интервју со Симоне Моро

Италијанско-германската екипа која се наоѓа на Нанга Парбат во состав Симоне Моро (Simone Moro), Давид Гетлер (David Göttler) и Емилио Превитали (Emilio Previtali) веќе се под Рупалската стена. Следи преземено интервју на Аманда Падоан (Amanda Padoan) со Симоне Моро, пред тргнувањето за Пакистан.

Симоне Моро со своите зимски искачувања во Хималаите не треба особено да го претставуваме, и најдобро е веднаш да започнеме со прашањата и одговорите.

А. П.: Насоката на Шел е подолга насока на најголемата планинска стена во светот. Дали убиствата на алпинистите минатото лето во базниот логор во Диамир во суштина влијаеше на твојот избор на стена и насока?

С. М.: Да, зашто мојот план беше да се вратам на Диамирската стена и да ја качам насоката на која имавме обид со Денис Урубко пред две години. Тоа е нова насока која првично Меснер ја почна во 2000 година и сеуште никој ја нема доискачено.
Но ми беше кажано дека Диамирската Стена е затворена, па бев приморан да изберам друга стена. Се решив тоа да биде најдолгата но помалку опасна насока на Нанга Парбат, а тоа е насоката на Шел.

Шеловата сигурно е најдолга. Доброто кај Рупалската Стена е што ќе качувам на сонце, не во сенка како на Диамирската Стена на запад. Но базниот логор е на околу 3600 m н.в. Друго лошо нешто е што, по сè изгледа, ветрот доаѓа од југ. Така, можеби ќе биде поветровито, можеби, зашто сè уште не сум сигурен, има повеќе ставови за тоа.

А. П.: Нанга Парбат во зима е познат по скоро постојано лошо време. Која е твојата стратегија за на Шеловата насока, особено за последната секција под врвот, над 7000 m?

С.М.: Идејата е да се аклиматизираме на околните врвови. Не сакам да одам нагоре-надоле по таа насока повеќепати. На зима не можеш да качуваш планина исто како во лето. Нема премногу прозорци со добро време. Така, аклиматизацијата и целата работа на насокататреба да биде направена по лошо време. Можеш да се аклиматизираш и да земеш опрема во насоката, и да го искористиш прозорецот со добро време за да одиш кон врвот.

Не би можеле тоа да го наречеме алпски стил, туку „лесен стил” (стил со лесен товар), токму како што правевме на Гашербрум II. Идејата е да се аклиматизираме на околните врвови, потоа да стигнеме до 7000 m во насоката, и од таму ќе бидеме подготвени за преостанатото искачување, како што направивме на Гашербрум II, стигнавме на 6400 m и потоа директно на врвот. Тоа беше скоро алпски стил.

Исто така знаеме за друга полска експедиција, кои се тргнати за истата насока. Најверојатно, ќе има одредена соработка, затоа што сме пријатели. Се имаме сретнато пред две години, и оваа година кога бев во Полска. Во доста добри односи сме.

А. П.: Како го споредуваш зимското искачување на Нанга Парбат со тоа на Гашербрум II. Кои се клучните фактори за успех на оваа планина?

С. М.: На Гашербрум започнувавме од 5000 m н.в. каде е базниот логор. На Нанга, базниот логор е на 3600 m н.в. ни треба повеќе добро време за да го направиме искачувањето или ќе треба повеќе да качуваме во лошо време, ако деновите со добро време се малку.

Исто така, насоката на Шел е еден вид пречење на планината. Треба да се качиш по Рупал, па да се префрлиш на Диамир, стигнуваш на врвот па се враќаш од Диамир и по Рупал. Доста е сложено. Треба да одиме од сончевата страна кон сенката и обратно. Исто така, во горните секции имаа и повисоки технички тежини. Насоката не е довршена до самиот врв. Технички гледано, ќе биде посложено од Гашербрум II. Дури и таму не беше лесно во зима, но тука имаме 100 m повеќе во височина, и уште поважно дополнителни 1500 m висинска разлика за качување.

А. П.: Првата експедиција на Ули Штек по дебаклот на Еверест беше фантастична! Дали сметаш дека пролетниот инцидент ќе има некои влијанија на твоето искачување на Нанга Парбат?

С. М.: Не не не… апсолутно не! Сметам дека нема да има никакво влијание на мојот ум и тело. Тоа нешто го бев заборавил само неколку дена откако се случи. Поточно, за мене само 3 дена потоа, откако ме присилија да си заминам си седнав во хеликоптерот и слетав во базниот логор. Одев меѓу шаторите, без страв. Или сум премногу глупав или сум личност која брзо ги надминува проблемите.

Така тоа не ми влијае психолошки и не прави дополнителна мотивација за да ја качам планината, за да покажам нешто некому. Најпрвин затоа што доколку сакав некому нешто да покажувам, значи дека имам доста почит за тие личности, и дека се грижам за нив. Никогаш не сум сакал да покажувам никому, особено на зимските искачувања, каде шансите за успех се 15%.

Она што го направив веќе е сторено. По 5-6 експедиции, луѓето ме сакаат и ќе продолжат да ме сакаат. Оние кои ме мразат ќе продолжат да ме мразат дури и ако го качам Нанга Парбат. Така, тоа беше фино искуство.  Тоа што се случи никако не ми влијае.

Ќе се вратам во Непал, и ќе се вратам на Еверест. Никој не зборува за тоа, или само неколкумина, но непалската влада ни даде прилика да го качиме Еверест. Ми направија продолжување на мојата дозвола. Кога им кажав дека ќе барам продолжуање на дозволата, сите ми рекоа дека никогаш нема да добијам поради притисокот на Шерпасите и јавното мислење. Но, бестрашниот акт на непалската влада ја зголеми мојата почит кон нив.

Ми ја продолжија дозволата до 2015 година, бесплатно. Така, ќе има една тивка година, стратешки тоа е паметен потег. Па во 2015 ќе бидам таму. Веројатно некој (некој особено лут) можеби се` уште ќе ме чека таму… но се надевам, не многумина. Оваа година ќе бидам таму и ќе летам хеликоптер. Секој кој е доволно паметен треба да сфати дека подобро е да ме има за пријател одошто за непријател. Можат да бидат во невоља во било кое време, а на локацијата нема многумина кои можат да ги однесат дома.

Презмено од тука