Интервју со Ивица Гаџовски

Животот на еден тренер е секојдневно себедавање, исцрпна работа, упорност и верба во она што се создава. Таков пример е и Ивица Гаџовски, тренер по карате кој својата кариера и знаење постојано ги надоградува со успех. Моментално е на мастер студии во Австрија каде и ја продолжува својата тренерска професија со истата љубов. Одвои време и разговараше со тимот на К4Т на повеќе теми.

K4T- Како дојде до тоа да ја продолжиш својата тренерска кариера во Австрија, од кога си тамо и што всушност работиш во моментов?

Ивица- Тоа е интересна мала приказна и се случи сосема спонтано. Учествував на еден силен интернационален турнир за деца и натпреварувачи до 21 година и првите контакти всушност и така започнаа. На овој турнир го запознав и Владимир, сега најблизок мој пријател тука во Салзбург. Тој живее повеќе од 25 години во Австрија, а на турнирот тој всушност беше присутен да и даде поддршка на својата ќеркичка Валентина, сега мојот најдобар ученик тука. Владимир препозна еден пријател од македонската делегација и така се започна. Не прошета низ убавиот Салзбург, нè покани кај него на гости и контактите продолжија. Во еден момент на пријателски разговор јас споменав дека имам план да се запишам на мастер студии на ФФК во Скопје.

Во најкусо време Влaдимир ме изненади со информации за студии на Универзитетот во Салзбург и за можност на тренерска работа во клубот каде што тие членуваат. Долго размислував на оваа тема. Идеата за повисоко образование во реномиран европски универзитет ми се допаѓаше, но некои работи што премногу долго ги градев во Македонија требаше безмалку да ги напуштам. Не го зборував германскиот јазик и знаев дека животот во Австрија е далеку поскап. Решив да отпатувам за Салзбург и одблизу ги видам условите и потоа да решам. Направив неколку тренинзи и искрено ми беше ветено многу. Градот премногу ми се допаѓа, а условите за школување можам да кажам и дека се поволни. Тоа ми даде храброст и мојата желба ја преточам во реалност. Сега веќе 7 месеци сум тука. Работам како Тренер во карате клубот „Karate Union Walserfeld” и како персонален фитнес и карате тренер. Исто така, во викендите најчесто судам на околните карате турнири, бидејќи моите квалификации го овозможуваат тоа.

K4T- Кога посака да ја работиш тренерската професија, или тоа беше само спонтан процес што се наметна во твојот живот на сето она што му претходеше?

Ивица- Уф, тоа во никој случај не беше спонтано. Како отсекогаш да сум знаел што ќе работам како тренер. Ако размислам подобро се кај мене се врти околу карате. Знам дека ќе ви звучи малку чудно ова.

Еве на пример се запишав во средно училиште за физичка култура, само затоа што бев добар во карате. Потоа се запишав и на ФФК, во тренерска насока и дипломирав како тренер по карате. Еве сега и мастер студии бидејќи сакам да напредувам во спортот. Никогаш не сум се запрашал зошто, едноставно од секогаш сум знаел. Дури и кога сите се сомневаа дека од спортот не ќе можам да живеам, посебно од карате спортот, бидејќи е сеуште аматерски. Епа еве за сите скептици, живеам од карате пред сè, т.е од спортот воопшто.

K4T- Кое беше твоето прво тренерско искуство, и како се справи на почетокот со тој предизвик?

Ивица- Во каратето сè е малку поинаку. Едноставно ако влеташ во нешто за што не си подготвен нема да успееш. Треба да си поткован со теоретско знаење, но и секако треба да имаш искусено долгогодишен и напорен тренинг.
Во карате – до процесот на учење се нарекува Shu-Ha-Ri. Ако сакаш да продолжиш и надградуваш, секогаш следи тренерскта фаза. Ако не го подгреваш своето знаење, ќе се олади. Она што си го знаел ќе го заборавиш и …
А влетав млад, само што почнав со факултет. Неискуството го компензирав со желбата да направам нешто и да научам. Напредував јас а напредуваа и моите ученици. Сега имам 30 години и сеуште важам за млад тренер, но се осеќам многу искусно и мудро.

K4T- Како дојде до идејата да се создаде твојот клуб ГИВ, имаше ли интерес на почетокот, колкава беше првата група и каде беа тренинзите?

Ивица- ГИВ настана како резултат на мојата желба и поддршката на моите најблиски. Како и секој правен субјект во оваа дејност, тоа е здружение на граѓани кое врши дејност спорт – карате, што значи има повеќе виновници.
Секогаш моите ме поддржувале, па така и тогаш. Клубот започна како една секција би можел да кажам, за да порасне во една сериозна организација. Претседател на клубот е и човекот кој за сето ова време ми дава најголема поддршка, мислам на татко ми. На самиот почеток, неговата фирма ми ги покриваше трошоците за сала, основна опрема и сл. Затоа и клубот го носеше нејзиното име „ГИВ”.

Бидејќи таа фирма одамна не постои, малку остапувам денес од вистината и велам дека името на клубот тоа се моите иницијали, а всушност тоа се иницијалите на прекарите на татко ми и мајка ми. Клубот запошна со работа во спортската сала на ОУ. Војдан Чернодрински. Денес работи со различни групи на две други локации, но сеуште во непосредна близина на првичната и повторно во соработка со Карпош. Некако емотивно сум приврзан за тој дел од градот и сметам дека и понатаму треба да придонесувам за анимација на младите во спортот од оваа општина.

K4T- По што би го одвоил каратето од другите спортови, односно боречки вештини и дали има нешто што темелно се разликува од останатите?

Ивица- Голем дел од боречките вештини имаат заеднички вредности, заедничка историја и почеток. Просторно временските услови во различни краеви од светот развиле и различни вештини. Како одминува времето тие се развиваат и имаат различна насока и правец, согласност своите правила за натпреварување или програма за работа, но истовремено модерниот спортски облик на натпреварување на овие дисциплини црпат и инспирација едни од други, во потрага по врвни достигнувања.

На пример во карате натпреварувањата некогаш користиме Џудо техники на фрлање или поапстрактни ножни техники што се повеќе својствени за таеквон-до. Инаку се разбира секоја боречка вештина има свои специфики и карактеристики кои настанале следејќи го правецот и учењето на својот учител или како резултат на некои влијанија кои не допреле до останатите.

На пример во карате – до, најспецифичен е начинот на контракција и деконтракција на мускулите од телото во оној прав момент за правилно да се насочи фокусот на енергијата – KIME. Постојат и многу други, но би било премногу специфично и на еден чуден карате јазик, за да биде споменато во оваа прилика.

K4T-Како се одржуваш во форма, и какви други спортови практикуваш како рекреација?

Ивица- Искрено не можам без тежински трениг. Се разбира прилагоден за моите карате потреби. По некој енергетски тренинг на кеј во Скопје или прошетка на Водно ме исполнува целосно и страшно многу ми недостига во моментов. По напорен ден или недела задолжително посетувам некој велнес центар и малку се релаксирам во сауна или јакузи, посебно тука во Салзбург, бидејќи имам феноменални услови за тоа.

K4T-Што постигнавте со ГИВ на домашна и на меѓународна сцена?

Ивица- Карате клубот ГИВ може да се пофали со многу медали, посебно на домашната сцена. Повеќе државни шампиони, се разбира во ката дисциплината. Во овој момент имаме два: Сениорски државен првак Дејан Милошевски и Реџеп Мустафовски во 14 години.  И нашиот јуниор Пеце Наумовски кој безмалку освои се што можеше да се освои во Австралија каде што и живее. Имаме уште неколкумина официјални медали и еден куп освоени турнири.

Исто така, досега КК ГИВ има 4 медали од Балканско Првенство и еден куп освоени меѓународни турнири во Словенија, Црна Гора, Австрија и Србија и сл. Резултатите се солидни, но ние секогаш можеме и повеќе. Клубот исто така има и четири национални судии од кои двајца со Европска судиска лиценца.

 

К4Т-Што планираш во блиска иднина, и што ти е приоритет во моментов?                

Ивица- Планот за оваа година ми е исполнет. На спортско поле треба да одржам тренинг активности на еден пријателски клуб во Р. Бугарија. Потоа имам турнир во Лигнано Италија, судиски семинар со Скопје и турнир во Чешка. Се надевам дека во ноември натпреварувач на КК ГИВ ќе го изберат за светското кадетско првенство во Шпанија, а потоа во Салзбург е карате Премиер лигата и плус уште неколку помали турнир. Секако на дел од нив ќе учествувам како тренер, а дел како судија.

На приватен план продолжувам да го учам германскиот јазик за да можам што поскоро да почнам со студиите и подобро ја продадам мојата карате приказна. Планирам добро да застанам на нозе, бидејќи сепак сум краток период тука. Исто така сакам и малку одмор, тоа би било сигурно во мојот град Скопје, на подобро место не можам да се сетам сега.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија