Имате ли поим како ги согорувате вашите масти?

Ако сте дел од масата на луѓе кои не ги бивало по физика и не многу сте се замарале кон проверка на знаењето „од општа култура“ тогаш сигурно грешите во врска со топењето на мастите во процесот на вашето слабеење. Не сте вие криви, нити пак единствени!

Најголемиот дел од популацијата и од анкетираните во прашалникот (тука влегуваат и доктори, нутриционисти и тренери) имаат претстава дека мастите кои се трошат („топат“) при вежбањето во најголема мера се претвараат во енергија, односно дека тоа е главен механизам на кој што се слабее.

Меѓутоа, тргнувајќи од општите физички закони (законот за зачувување на масата на Лавоазијер), мастите како материја не се во можност толку лесно директно да се претворат во енергија со едноставно вртење на педалите или дигање на теговите бидејќи тоа би претставувало една своевидна атомска бомба во теретаната. Напротив, тие единствено се разградуваат на помали молекули задржувајќи ја формата на материја и се исфрлуваат од телото.

Физичарот Рубен Мирман и биохемичарот Ендру Браун кои биле вчудоневидени од погрешната концепција и конфузија која владее меѓу популацијата околу метаболизмот на мастите во процесот на слабеење решија да подобјаснат една не толку нова формула во физиката и биохемијата.

Имено, во биохемиска смисла оној што сака да стопи дел од салото всушност сака да ги метаболизира (разгради) триглицеридите кои се наоѓаат во масните клетки низ телото на основните атоми од кои што сме изградени: јаглерод, кислород и водород. Во овој процес на оксидација преку низа на ензими и каскади молекулата на маст се претвара во најголем дел во јаглероден диоксид, вода и енергија која се создава со самото двоење на молекулата на помали делчиња.

Според нивната формула за оксидацијата на 10 кг. човечка маст, човекот треба да вдише 29 кг. кислород, а за возврат тој издишува 28 килограми јаглерод диоксид и продуцира 11 кг. вода. Односно, 8,4 кг. се всушност издишани во форма на CO2. Како заклучок на научниците, всушност белите дробови играат најголема улога во слабеењето.

Дополнително, не, мастите не се трансформираат во мускули!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија