Танзанија, земја на контрасти

„Хакуна матата” на врвот на Африка

Домаќините љубоморно си го чуваат нивното Килиманџаро. Тоа за нив не е само планина и највисок врв на Африка, тоа е мит, вулкан, култура, национален парк, систем на вредности, почит кон природата и секако, извор на приходи за многу гладни усти.

ИЗВОР – ПСД МАКПЕТРОЛ – ПИШУВА – ИЛИЈА БЕЛЕВСКИ


Танзанијците велат, ако врне тоа е благослов и вие сте благословени, а ако е сончево, тоа е среќа и вие сте среќни. Ние сфативме дека сме многу благословени, а малку помалку среќни кога уште не тргнати не пречека тропски дожд, којшто прекинуваше само колку да ни даде надеж дека повеќе нема да врне. Ама Килиманџаро сепак се смилува кон оваа балканска група ентузијасти, ако не повеќе, тогаш кога беше најпотребно, ноќта кога тргнавме накај врвот и наредниот ден до пладне. Потоа работите повторно се свртеа на благослов наместо на среќа….

Мене Килиманџаро ми беше во умот уште од 2013 година, веднаш после Дамаванд во Иран, не за сега, за понатаму, арно ама, какошто обично знае да биде, се поклопија коцките и авантурата можеше да почне.

ДЕН 1 Скопје-Софија-Доха

Скопје, рано наутро, 13 големи торби и уште толку ранци во автобусот на аџијата којшто има доволно седишта, ама малку простор. Не чека пат до Софија, а попатно да ги собереме Владимир од Врање, близу Куманово и Катица во Крива Паланка. Од Софија кон Доха-Катар летавме околу 5 часа. Цела ноќ на аеродромот којшто претставува блискоисточна раскрсница. Се е отворено 24 часа, може да се спие во тивките соби ако се најде место, да се шета, или да се набљудуваат лицата на илјадниците патници што минуваат покрај тебе во секој момент.

ДЕН 2 Доха-Аруша

Веќе сме во авион и летаме кон Аруша. Повторно околу 5 часа лет. Дел од патниците слеговме во Аруша, а другиот дел продолжија кон Занзибар, ама ние бевме некако посреќниJ. А тука климатски шок, температурата е 31 степен, голема влажност и пече сонце, а ние од зима доаѓаме. Hakunamatataпристапот на полициските и царинските работници ни беше малку чуден, полека, релаксирано, без нервози и повишен тон….добивме визи и може да се тргне накај градот Аруша. Овде дознавме дека доцни авионот на Иго, нашиот словенски австриец, или австриски словенец и дека ќе дојде дури наредниот ден. Почнаа да се собираат првите впечатоци по пат: многу луѓе а малку инфраструктура, гужва, пат а од двете страни кал, мали куќарки, моторчиња, деца претрчуваат, секој нешто продава по улица…..организиран сообраќаен хаос.

Попладнето имавме краток брифинг со одговорните лица-организаторот, претставување на водичите и програмата. Од утре тргнуваме и мора да се знаат деталите.

ДЕН 3 Аруша-Марангу-Мандара

Само што се истоваривме од истиот оној автобус од вчера, во којшто има главни, споредни, помошни и непостоечки столчиња па наместо 20, собира 40 луѓе на портата Марангу, почна да врне. Ама не да врне, туку да истура. А нашите торби се надвор и околу нив се носачите коишто чекаат да си го добијат товарот, да тргнат и да заработат нешто. Сите живеевме во надеж дека нема да ни ја наврне опремата уште не тргнати. Исто како што почна, дождот престана и конечно старт. Овде ни се придружи и последниот член на експедицијата. Марангу е на надморска висина од 1860 метри. Задолжителни се формалности околу пријавување на сите коишто планираат да се движат нагоре. Тука ги добивме и основните инструкции за тоа какво треба да биде нашето однесување на планината. Не очекува пат од 8 километри и илјада метри висински за совладување до првиот аклиматизационен камп на 2720 метри-Мандара.

Очекуваното време на пешачење беше околу 3 часа. Патеката веднаш почнува да се вие низ дождовната шума и благо да качува нагоре со секој поминат метар. Владее добро расположение, шегите почнаа, се движиме полека, а покрај нас со брз чекор поминуваат носачите со ранците и торбите, најчесто на глава. Не откривме како успеваат да држат таква рамнотежа и да се движат брзо со толкав товар на главата. Иако е сеуште ден, во шумата почна полека да се замрачува. Премногу е густа вегетацијата, па настрана од патеката погледот допира само неколку метри. На неколку пати над нас, во крошните од дрвата забележавме мајмуни како прескокнуваат од едно на друго дрво по лијаните. Звуци на сите страни, чудна атмосфера, силна вегетација, влага, на некои места и кал, просто неверојатно изгледаше како темелно се одржува пешачката патека-со поставени дрвени граничници, со тампонирана земја за да се олесни одењето.

Да не ви се верува дека има вработени луѓе во националниот парк кои имаат задача да ја метат патеката, да ги кастрат гранчињата, да прават скали на некои места за полесно качување и да копаат одводни канали, за да не им ја однесе дождот тампонираната земја што ја носеле на грб претходниот ден. Во мрак статсавме во кампот Мандара, пријавување и сместување. На некои опремата им беше наводенета од силниот дожд, но мотивот е силен, енергијата на ниво, а екипата колегијална. За се има решение.Спиевме со звуците на џунглата околу нас.

ДЕН 4 Мандара-Хоромбо

Доручек и старт кон наредниот камп на 3700 метри. Не очекуваат 12 километри благокачување, најпрво низ дождовната шума до кај 3.000 метри надморска височина, а потоа следува степско окружување со мали грмушки и помалку зеленило. Сепак, близу сме до екваторот и овде вегетација има и на надморски височини кои се несвојствени за нашите климатски услови. Дождот не потсетува редовно, во пократки и подолги интервали дека навистина на оваа експедиција ќе бидеме малку повеќе благословени отколку среќни. Кога ќе се излезе од шумата, па се до 3700 метри во подобри временски услови се отвара поглед на падините на Кили, ама ние ја немавме таа среќа, па за жал моравме да фотографираме во магла и облаци. Ручекот го јадевме како на трња, со ветер и дожд, додека едни црни гаврани со големина на орел стрпливо чекаа на некаков остаток од нашата храна.

По 5 часа пешачење, стасавме на 3720 метри, во најубавиот камп од оваа страна на планината. Хоромбо е среден, со тоалети, мали куќички во кои може да спијат меѓу 4 и 6 лица. Пристојни кревети и душеци. Има и струја, а ако си доволно талентиран за “бркање на сигнал”, може дури и мрежа за мобилен да се фати. Од овде па нагоре, мрежа повеќе не фативме. Вечера, малку муабет, редовниот брифинг со водичите за утрешниот ден и во кревет. Овде сеуште е добро за спиење, иако полека почнаа реакциите од поголемата висина кај некои од планинарите, посебно оние што прв пат излегуваат над 3000 метри надморка височина.

ДЕН 5 Хоромбо-Кибо

Утрото беше надежно, а ние сеуште верувавме дека конечно среќата ке се сврти накај нас. Сонцето срамежливо ѕиркаше позади Мавенци кратерот и конечно прв пат се појави неговото височество Ухуру пред нас. Не чекаа уште 9 километри до Кибо и уште многу до врвот, но сите се добри и подготвени за понатаму. Тргнавме околу 8 часот, после доручекот. Денес треба да поминеме од степско во алпско опкружување, а исто така не очекува и последниот извор на питка вода, иако тоа не смени нешто посебно во нашиот план. Имаше доволно дождовница во цистерните, па водачите не убедуваа дека нема потреба да се полни вода од пониско и да се носи нагоре. Не очекува исто така и бескрајната долина долга околу 7 километри, на висина од околу 4200 до 4500 метри. Кога гледав на интернет, овој дел изгледаше симпатично на сонце, па со споро движење и муабет, времето поминува, арно ама, во некоја чудна полупровидна магла, со дожд којшто добиваше на интензитет и ветер доволно јак за да почне да се смрзнува во мокрите алишта, не беше многу интересно. Јас сеуште пркосев и не ја ставив кабаницата, туку одев со чадор. Никогаш не сум можел да замислам планинар со чадор, тоа ми беше толку одбивно и против планинарскиот кодекс, ама кога ги видов водичите како шетаат со чадор, решив и јас да си ја пробам среќата.

Кабаницата не ја ставив, чадорот си ја заврши работата, ама не и кај нозете и стапалата. Дождот ме намокри и почна да ми студи. Почнав да се движам побрзо од групата, одејќи надолу и нагоре за да бидеме заедно, но после половина час почна интензивно да ми студи. Предложив да се одвојам од групата и со еден од водичите со побрзо темпо да се движам нагоре. Така и направивме, го убрзавме чекорот, се загреав и чекајќи ги другите скоро еден час во Кибо, имав време да се пресоблечам со тоа што остана суво и да се стоплам со чај. Кибо е камп на минување, високо е и таму не може да се минува многу време. Затоа и условите се многу полоши отколку во подолните кампови. Ние бевме сместени во соба со 20 кревети на 2 спрата. Место за опремата речиси и да немаше, а да не зборуваме за малку простор за пресоблекување и сушење. Дождот не престана да врне уште од пладнето, напротив дури и засилуваше, пред куќарката кал, вода на сите страни, сивило, а ние ноќеска треба да одиме накај врвот. Ич не беше надежно!

ДЕН 6 Кибо-Ухуру пик-Кибо-Хоромбро

Денот 6 се поврза со денот 5, односно не ни остана многу време за одмарање, туку уште во 23.30 часот се објави будење, барем за оние што успеаа да дремнат малку. Не се спие многу на 4700 метри надморска височина. Не е многу ладно надвор и за среќа, небото делува отворено, појасно од пред неколку часа. Ни се насмевна среќата, си реков во себе, ама тивко за да не чуе никој, да не се подречеме. Возбудата се движи околу сите нас, се прават последните подготвки, се проверува опремата, се носат конечни одлуки што да се остави во ранецот, а што не. Земав неколку житарки, 2 литри вода, еден резервен софт шел, фотоапаратот, очила за сонце, резервна капа и балаклава, два пара ракавици, потенки и подебели, резервните батерии за челната ламба и прв пат овде ги облеков чизмите. Со сиот ризик од дожд нагоре, решив да ја оставам кабаницата, да не тежи непотребно. Почнаа полека групите од планинари да се движат нагоре. До овде падините беа благи, понекогаш дури и досадно за одење, но од Кибо не чека добра стрмнина по влажниот вулкански сипар. Конечно во 12.30 тргнавме. Темпото е споро, единствено така може да се стартува, да се продолжи нагоре и да се стаса на оваа висина, секако имајќи во предвид дека последниве неколку дена одиме секој ден по 1000 метри висински нагоре. Водичите се распоредија околу нас, на секои неколку метри од двете страни по некој. Уште на почетокот почнаа да нудат помош, да ги носат ранците, или стапчињата, со цел да им олеснат на оние што не се чувствуваат добро, а и да заработат некој долар бакшиш. Неколкумина ја прифатија понудената помош. Со секој метар нагоре потешко се дише, а никако да се види просторот, да се оцени до каде сме, има ли крај некаде нагорнинава? Прво снегче, срамежливо распрскано по камењата згазивме дури на 5.100 метри. Ние тргнавме половина час подоцна од предвиденото време, па сите останати експедиции беа пред нас, а тоа делуваше исклучително депримирачки, не поради друго, туку поради долгите светлосни линии од нивните челни ламби, кои постојано беа пред нас и изгледаше како да стојат во место. Околу 2.30 по полноќ, поминавме покрај Ханс Мејеровата пештера, направивме мала пауза и повторно полека нагоре.

Овде прв пат почуствував студ, додека се движевме полека е во ред, но штом се застане, веднаш студи. Нема крај патекава која води во цик цак, ладно е, темно е, движењето е бавно, почнуваат црни мисли да се вртат во главата, веројатно од сите претходни фактори, плус недостатокот на кислород. Очите ми се затвараат, мислам дека спијам одејќи, или одам спиејќи, не се сеќавам добро. Е тогаш човек мора сам да се мотивира, да си каже дека сака, знае и може. Диши длабоко, најмногу што можеш, земај од реткиот воздух…..Ако потраеше црнилово и низата челни ламби од оние напред, ќе почнев да пцујам, ама почна да зазорува и се појави првата светлина, срамежливо. За кратко, ја приметив во далечината нагоре таблата на Гилманс поинт, 5680 метри. Далеку е, ама не може да биде многу далеку, штом се гледа од овде. Патеката во тие последни стотина метри висински минува низ големи камења, па некаде требаше да се користат малку и рацете за да се биде стабилен. Штом се отвори денот и допреа првите зраци, веројатно поради биоритмот, нова енергија од некаде се појави и сега веќе знаев дека не постои никаква пречка да се стаса до врвот. Секако, мотивирачки беше и тоа што од Гилманс поинт до врвот не очекуваат околу 200 висински метри по работ на кратерот со предвидено време од околу 1 и пол час. Ништо повеќе нема да ми застане на патот, си реков во себе. За околу 1 час излеговме на Гилманс поинт, работ на Кибо кратерот. Заслужена пауза и поткрепување, иако на оваа висина од 5700 метри, ниту ти се јаде, ниту ти се пие. Два члена од експедицијата поради исцрпеност, решија дека до тука ќе биде нивното искачување. Треба енергија и за да се вратат надолу.

По кратка пауза продолживме по работ на кратерот. Овде се отвори поглед кон врвот, дури и препознатливата табла се гледаше, како и луѓето пред нас кои полека се движеа нагоре. Со оглед на тоа дека фативме северна позиција, одевме по снег, на некои места со наноси длабок и по еден метар, но патеката е разгазена и тоа не претставува проблем. Групата после Гилмаснс поинт малку се разводени, но сепак повеќемината заедно се движевме нагоре. После 40 минути, поминавме покрај Стела поинт, а за уште толку од таму, ете сме и на Ухуру пик, највисокот во Африка и еден од седумте светски врвови. Часот е 8.30 по локално време, 8 часа од моментот на тргнување. Како да се опише чувството? Среќа, емоции, честитки, знамиња, не знае човек дали му се плаче, или му се смее. Веројатно на таа висина така е нормално да се расудува. Откога поминавме еден час на врвот, време беше да се тргне надолу. Во тој момент на врвот еднаподруга стасаа и двете девојки од Албанија. Исцрпени, но со лица од кои зрачеше среќа. Не изненади нивната упорност, очекував дека ќе дојдат само до Гилманс поинт. Надолу веќе групата се разводени, некои побрзо, некои пополека, но сега е друго. Откога ја завршивме работата, телото се опушти, направивме поголема пауза, но поминавме исто така и многу време на висина над 5700 метри, речиси 4 часа. Тоа истоштува и сега оние мали нагорнини од по неколку метри по работ на кратерот ме задишуваат многу повеќе отколку цела ноќ одење нагоре. Ама Гиламнс поинт е тука, пред мене, а од таму знам дека право надолу ќе биде полесно. Така и бидна. Одев сам право надолу околу еден час. Пред мене знам дека беше еден член од нашата група и еден водич, а назад сите останати. Ми требаше малку самотија после целата оваа интензивна и исцрпувачка ноќ и она убиствено POLE POLEтемпо. Позади мене приметив еден од водичите, се движеше невообичаено полека и некако чудно по серпентините, иако надолу обично движењето е попреку, за побрзо спуштање. Подзастанав и кога се доближи забележав дека е тоа еден од нашите водичи. Човекот чудно се однесуваше, ми се претстави, па кога го прашав дали е добро, рече дека не гледа, дека му ги дал очилата за сонце на друг водич којшто не земал свои, па од силна рефлексија значително му се намалил видот. Епа, тоа е, си реков, така ќе го памтиш Килиманџаро цел живот. Го фатив под рака човеков и надолу. Некаде пред Кибо се отпушти од мене, не му беше пријатно да го гледаат таков. Ми се заблагодари и полека отиде до неговиот тим. Подоцна ми кажа дека на пониско состојбата му се стабилизирала и дека се е во ред. Ми беше мило што помогнав на луѓето што нам ни помагаа цело време.

Е, сликата немаше да биде целосна ако повторно не почна да врне, благослов било нели? А треба да одиме уште 9 километри надолу кон Хоромбо! Уф, колку депримирачки изгледаше ова! Легнав на вреќата 10 минути, така непокриен и се обидов да изедам еден ред чоколадо и да се напијам вода. Ни сам немаше да си верувам ако знаев дека три четири коцки убава чоколада ќе ми бидат невкусни. Не ми се верува, ни водата не можев да ја голтнам, а бев многу жеден. Тоа се симптомите на дехидрираност, резултат на голем физички напор, нагон за повраќање ако се стави залче во устата или пак голтка вода. Но, неопходно е да се внесе малку храна и течност. Така и направив. Почна да ми студи и немаше друго решение, освен една група од оние што стасавме порано, заедно со дел од водичите и носачите да тргнеме надолу. Така и направивме. Овие беа недогледни 9 километри. Врне, па не врне, изморени сме, ама нема друго, мора да се изодат. А и полесно е некако движењето како се намалува надморската височина. Конечно стасавме во Хоромбо на 3.700, се смстивме во колибите, се пресоблековме со она што беше суво или полувлажно останатои конечно една дремка од 1 час во вреќата. Сега се е полесно, почна и на храна да ми текнува. После врвот, на 3700 метри се чувствуваме како на море!

ДЕН 7 Хоромбо-Марангу-Аруша

Последен ден, ден за враќање во цивилизација. Ама и 18 километри пешачење. За времето нема потреба да пишувам, си врне, па престанува и така постојано. Се одвоивме со Игор и заедно со еден од водачите со брзо темпо запнавме надолу. Не водеше мислата дека ако одиме побрзо, патот ќе биде пократок. Патем го посетивме и Маунди кратерот и конечно стасавме на стартно целната точка. Задолжителната регистрација и по едно Килиманџаро пиво за награда. Игор најде во неговиот магичен ранец сончоглед, парче чајна колбаса, купив некој чипс и едни солени стапчиња со кари, ама и алва најдов во ранецот…..убаво ги памтам сите состојки, многу беше вкусно, или ние бевме многу гладни, не знам! Додека ги чекавме останатите заврна пороен дожд, ист таков каков што не испрати пред тргање од местово. Многу време помина додека сите да се соберат, па да се средат, па да се најде и товари опремата, па сите да констатираат што направивме, па да го јадеме најочајниот ручек досега-чорба од банани и компири и некакви ситни трошки неидентификувано месо во дворот на една куќарка, па да патуваме со веселиот автобус до Аруша, за да стасаме до топла вода и туш. Вечерта имавме заедничка вечера, доделување на сертификатите, контакти по Facebook и Viber……честитки….

ДЕН 8 и ДЕН 9

Два дена наменети за сафари. Го посетивме резерватот околу езерото Манјара, а утредента Нгоронгоро кратерот. Гледавме егзотични животни близу до нас, природа. Го посетивме и селото на познатото африканско племе Масаи. Друг свет, друга култура, други правила, иако туризмот ги направил нештата да бидат комерцијализирани и претставени малку повеќе драматично.Од една страна гледате типично Масаи домаќинство, трло, стока, дечиња, муви, училница за децата во невозможни услови, а од друга страна, Масаи зборуваат Англиски, им се гледа доларче во очите кога ќе видат турист и постојано им ѕвонат мобилнитеJ
Танзанија, земја на контрасти.

ДЕН 10 и ДЕН 11

Најтешките два дена. Бесконечно патување со автобус, па долг лет со авион, па цела ноќ на аеродром, па уште еден долг лет со авион и конечно последните неколку часа од Софија до Скопје со автобус…… На 25.01.2016 околу 20 часот навечер, стасавме дома.

ИНФОРМАЦИИ

  • Марангу рутата на Килиманџаро е најпосетувана од неколкуте патеки што водат до врвот. Ова е единствената рута по која има кампови со куќички од тврда градба. Патеката е најпопуларна бидејќи до врвот и назад може да се стаса за 5 дена, какошто направивме и ние. Тоа е најкратката опција за комерцијално искачување на Ухуру пик. Но токму поради тоа, оваа рута има најслаб процент на успешно искачување, многумина го потценуваат Килиманџаро и тргнуваат нагоре поттикнати од чисто туристички мотиви.
  • На Килиманџаро може да се качите единствено организирано преку лиценцирана агенција, останатите опции не се дозволени.
  • Рутата е долга речиси 70 километри и се совладуваат 4035 метри надморка височина во три и пол дена нагоре и еден и пол ден надолу.
  • До последниот камп на 4700 падините се благи и движењето е релативно лесно, под услов ако се движите полека(POLE POLE какошто велат локалците) заради аклиматизација. Во спротивно, изгледите за неуспех се многу големи. Последната ноќ е најтешка, високо е, уморни сте, ненаспани и стрмно е.
  • Треба да се пие многу вода, најмалку по 4 литри дневно. Храната штоја подготвуваат генерално е добра, ориз, паста, малку месо, леб, млеко во прав, убави зеленчукови чорби, кафе, чај во изобилие, локално овошје. Понесете си од вашите омилени житарки и чоколатца.
  • Ништо не поминува без бакшиш и пазарење.
  • Земете си вреќа за спиење.
  • Средството за прскање против комарци е корисна работа.
  • Вакцината против жолта треска не беше задолжителна и јас не ја примив. Задолжително мора да се користи терапија против маларија.
  • Прв пат решив да користам Ацетазоламид. Ризикував, бидејќи не знаев како ќе ми делува на организмот. Пиев два пати дневно, наутро и навечер по 250 милиграми. Прв пат земав 24 часа пред да почнеме да се качуваме, а последното го пиев вечерта пред да тргнеме кон врвот. Надолу не користев.
  • До 4700 метри, зависно од временските услови можете слободно да се качувате со патики за планинарење, или со лесни трекинг кондури. Појаки кондури ќе ви требаат за последната ноќ кон врвот.
  • На Килиманџаро има две годишни времиња, сушно и врнежливо, така кажуваа локалците. Ние бевме во сушниот период и прописно не наврна. Слушав искуства и од оние што биле во дождливиот период. Земете повеќе облека и обувки, бидејќи она што ќе се намокри најчесто останува мокро се додека не стасате во цивилизација.
  • Наводно ја филтрираат водата за пиење. Не користев таблети за прочистување на вода, дали ќе има некоја последица, сеуште не знамJ.

Во експедицијата учествуваа 16 члена, 9 од Македонија, 5 од Албанија, еден од Србија и еден од Австрија.

Стартувавме на 17.01, а на врвот бевме на 20.01.2016 година.

Фотографии и текст
Илија Белевски, ПСД Макпетрол

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија