МАКЕДОНИЈА ПОЛЕСНО ДО НАСТАП НА СВЕТСКИ ПРВЕНСТВА И ОЛИМПИСКИ ИГРИ

ФИБА го претстави новиот календар и систем за натпреварување

Во новиот систем и календар на натпреварувања на ФИБА, кој ќе стартува од 2017 година, се отвора повеќе простор за националните селекции од Европа за настап на Светски Првенства и Олимписки Игри.

Од Ноември 2017, започнуваат квалификации за настап на Светско Првенство во кошарка, во систем кој е сличен на оние што се актуелни во фудбалот и ракометот, а кои отвораат можност за поголем број европски нации да настапат на најголемите интерконтинентални натпреварувања.

Досега, пласман на СП обезбедуваа само првопласираните 7 селекции од Европските Првенства, без играње на квалификации за овие големи натпреварувања.

Новина во календарот е што квалификациите за СП ќе се играат и во текот на целата година, а не само во лето како досега. Таканаречените квалификациски „прозори” за пласман на СП 2019 година, ќе се играат во Ноември 2017, Февруари 2018, Јуни 2018, Ноември 2018, Февруари 2019 и Јуни 2019. Светското Првенство 2019 година ќе се одржи во Септември.

Во квалификациите ќе учествуваат 32 најдобри европски селекции, кои ќе ја сочинуваат А дивизијата, додека сите останати ќе играат во Б дивизија, од која во исто време ќе има можност за проодност во А дивизија во наредните години.

32–те селекции од Европа ќе бидат поделени во 8 групи по 4 екипи, од кои, по 6 кола дома/гости, најдобрите 3 се пласираат во втората фаза, а последнопласираните продолжуваат за опстанок во А дивизија.

24–те најдобри од групите, во втората фаза формираат 4 групи од по 6 селекции, каде се пренесуваат бодовите и се играат натпревари само со трите селекции од групата со која се вкрстува. На крајот од квалификациите, најдобропласираните 3 селекции од четирите групи обезбедуваат пласман на Светското Првенство 2019 година.

Според ова, за да игра за пласман на СП 2019, Македонија треба да избори настап на ЕП 2017 (24 селекции), или во најлош случај да биде меѓу останатите најдобри 8 селекции во пласманот на квалификациите, кои не се пласирале на ЕП 2017.

Понатаму, во првата фаза, Македонија треба да биде меѓу трите првопласирани во групата од 4 екипи, за да се пласира за втората фаза. А во втората фаза во групата од 6 селекции од Европа, Македонија ќе треба да освои едно од првите три места во конечниот пласман во групата.

Што се однесува до Олимписките Игри, на кои учествуваат 12 селекции, сигурни учесници ќе бидат, освен домаќинот, 2 претставника од Европа (најдобропласираните 2 европски селекции од СП 2019), 2 претставника од Северна и Јужна Америка (најдобропласираните 2 селекции од СП 2019), како и по една најдобропласирана селекција на СП 2019 од зоните Африка, Азија и Океанија, што вкупно дава бројка од 8 учесници.

Останатите 4 ќе се бараат во победниците од четирите квалификациски турнири кои ќе се одржат во Јуни 2020 година, во пресрет на ОИ во Токио. На овие турнири ќе учествуваат 24 екипи, 16 најдобри од СП 2019 кои не обезбедиле директен пласман на ОИ, како и по 2 дополнителни селекции од Европа, Јужна и Северна Америка и Африка, а 1 од зоната Азија­/Океанија.

Теоретски е можно, доколку 12–те европски селекции што настапуваат на СП 2019, бидат меѓу првите 23 во конечниот пласман, тогаш Европа ќе има 12 претставници на олимписките квалификациски турнири. Двете најдобри од Европа директно се пласираат на ОИ, а двете европски селекции кои ќе се пласираат на овие турнири, а не учествуваат на СП 2019, ќе бидат двете најдобри 4–то пласирани од четирите групи во квалификациите за СП 2019.

Во обратна насока, како теоретски „најцрно” сценарио за европските претставници, доколку 12–те селекции од Европа бидат пласирани како последни, од 21–32 место на СП 2019, тогаш на ОИ 2020 се пласираат 21–та и 22–та по конечен пласман, а во квалификации за ОИ ќе играат 23–та и 24–та селекција од СП.

Во иднина Европа како максимум, на ОИ може да има 6 претставника и домаќин (ако ОИ се во Европа), а минимум се 2 претставника (ако ОИ не се во Европа).

 

 

извор

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија