Фелпс го сруши рекордот на Леонидас од Родос стар 2000 години

Со вчерашниот златен медал на 200 метри мешано во шестиот натпреварувачки ден во Рио, американскиот пливач и досега најдекорираниот Олимпиец, Мајкл Фелпс, успеа да урне и уште еден доста стар рекорд кој 2000 години го држеше Леонидас од Родос поставен уште на античките Игри во 152 година пред нашата ера. 

На негови 15 години, во период кога кариерата на Фелпс сè уште заземаше залет, неговата желба била да освои барем еден oлимписки медал. Цели 16 години подоцна, оваа инзвонредна атлета може да се огледа на своите врвни достигнувања и подвизи како досега најдекорираниот Олимпиец со вкупно 26 олимписки медали од кои 22 златни. Дел од златните медали (вкупно 9) се водат како групни (штафетни, национални итн.), но останатите 13 се индивидуални што го ставаат Мајкл на уште поуникатната олимписка „полица”. 

Леонидас од Родос е Олимпиец кој живеел и се натпреварувал на повеќе антички Олимпијади во периодот од 164 година до 152 година пред нашата ера. Тој бил еден од најсериозните спортисти на неговото време, а записите говорат за неговата атлетска градба и умешност во трчањето. Покрај ова, тој цели 2000 години, поточно во периодот на одржувањето на античките и модерните Игри го држеше рекордот за најмногу освоени златни медали во индивидуални натпреварувања, рекорд поставен уште во 152 година пред нашата ера. 

Леонидас бил страшен тркач и во тоа време доминирал во натпреварите стадион (στάδιον) – спринт од грубо 200 метри, диаулос (Δίαυλος) – двојно трчање на оваа дистанца т.е. поминување на стадионот два пати и хоплитодромос (Ὁπλιτόδρομος) – трка во која натпреварувачите носат штитови. На Игрите во 164, 160, 156 и 152 година п.н.е, тој успеал да доминира во овие три различни дисциплини на првото место што го поставило во историјата на Игрите.

Своевремено Леонидас бил крал на трчањето и спортовите во кои доминира издржливоста. Во две од погорните категории – стадион и диаулос – било потребно спринт трчање кое се изведувало гол, без облека, но во третата дисциплина – хоплитодромос – натпреварувачите носеле војничка опрема (штит) кој бил тежок и било потребна мускулна маса за доминирање во спортот. Сепак, атлетската уникатност кај Леонидас била тоа што тој во неговата градба бил соодветен и за двете различни типови на натпреварување и успеавал да доминира долги години за ред. 

За Феплс пак не треба многу да се говори. Дечкото буквално растура во неколкуте пливачки дисциплини со повеќекратни медали и високи одлики на различни натпреварувања што го прават една од ретките врвни атлети во овој спорт. 

Вчерашното 13-то злато во индивидуална категорија за Фелпс значеше и едно повеќе од овој исклучително стар рекорд држен од Леонидас, а интересен е фактот што кога го остварил својот подвиг во 152 година п.н.е, Леонидас имал 36 години, нешто повеќе од Мајкл Фелпс кој денеска буквално доминира во пливачките дисцилпини. 

Во Родос е поставен споменик на Леонидас под кој пишува „Тој ја имаше брзината на Бог”, а историјата несомнено ќе дочека слична одлика за уникатното американско парче човечка машина и спортист со големо срце. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија