на долго и широко

Кедев и Еверест 2009…

Животот не е тоа што го живееме, туку она што ќе го запаметиме и . . .  Како ќе го запаметиме, со цел да го раскажеме . . .

Gabriel Garcia Marquez

1. Мотивација

Дефинитивната одлука дека некогаш ќе се обидам да го искачам Еверест ја донесов на 1 Јули 2008, непосредно по симнувањето од врвот на Денали (Mc. Kinley) во Аљаска.
Во подножјето на глечерот Кахилтна стасав целосно истоштен. Симнувањето од врвот траеше 21 час без прекин, при тоа носејќи ја со себе целокупната опрема: ранец кој тежеше 40 кг, плус 40 кг товар на санката. Тоа беше еден од најтешките денови од 19 дневната експедиција чија цел беше својување на највисокиот врв во Северна Америка (6193 мнв).

Инаку, врвот Денали е лоциран најсеверно од т.н. седумте врвови на светот.
Додека го чекав малиот авион на локалната К2 Авијација кој требаше да нé префрли до Талкетна, ми беа потребни не повеќе од триесетина минути одмор за да заборавам на целокупниот замор од напорната експедиција и да ја донесам одлуката: Еверест е следното!

2. Катманду

Во Катманду, главниот град на Непал, пристигнав на 29 Март 2009 година. Се сместив во хотелот Шанкер, каде веќе беа дојдени останатите членови на експедицијата Еверест 2009, организирана од страна на агенцијата Adventure Consultants од Нов Зеланд.
Се работи за една од најпознатите агенции за организирање експедиции на највисоките планински врвови. Агенцијата е формирана од страна на Роб Хал, кој за жал загинува на Еверест во 1996 год. По неговата смрт, агенцијата ја превзема и со неа раководи неговиот пријател Гај Котер.

По првичната средба и запознавање со водачите на експедицијата Давид Хамилтон и Анг Дорјее, следеше детална проверка на опремата и утврдување на она што треба да го донабавиме во Катманду. Покрај мене, останати членови на експедицијата беа: Хамиш Фултон – уметник од Англија, Нил Јохансон – архитект од Австралија, Карстен Беннике – бизнисмен од Данска, Дариус Ирани – бизнисмен од Австралија и Давид Чаплин – сопственик на фарма од Австралија.

По целосното комплетирање на опремата и обезбедувањето на потребните дозволи од Министерството за туризам на Непал, следеше слободен ден за разгледување на градот.
Катманду е многу жив и динамичен град. Опојна мешавина на религиозни споменици од минатото и интернет кафеа. Сеуште се чувствува мистичното минато на забранетото и недостапно Непалско Кралство, но надополнето со сета возбудливост што со себе ја носи еден модерен и главен град. Катманду брои некаде околу 2.5 милиони жители.

Доминира хинду популацијата, но вреди да се спомене присуството на 75 различни етнички заедници кои живеат во неверојатна меѓусебна толеранција и взаемен респект. Сепак, нашето љубопитство и интерес беше насочен кон претставниците на Шерпа народот. Доселени од Тибет пред околу 4 до 5 века, Шерпа народот живеат на повисоките хималајски предели и се припадници на будистичката религија. Токму тие се и главните носители на сите хималајски експедиции.

 

3. Трекинг до Базниот камп

Во раните утриски часови на 1 Април, по неколку часовно одложување заради лошите временски услови, конечо полетавме од аеродромот во Катманду и се упативме кон еден од највисоките аеродроми во светот во Лукла (2840 мнв). Летот траеше околу триесетина минути. Летавме над исклучително живописен предел.

Се упативме кон следното место Пхакдинг (2610 мнв) каде и преспавме првата вечер. Следниот ден продолживме и по 5 часовно пешачење, уживајќи во неверојатно живописниот предел, стигнавме до Намче Базар (3440 мнв), последното поголемо населено место на височините на Хималаите. Во Намче Базар, општественото и комерцијално средиште на Шерпасите, преспавме две вечери.

Инаку, најголемата заслуга за урбанизацијата и организацијата на животот во овој регион (отварање школи, болница, итн) му припаѓа на Сер Едмунд Хилари и неговата Фондација.
Следниот ден стигнавме во Пангбоцхе (3930 мнв), родното место на главниот Шерпа Анг Дорје. Тој е еден од најпознатите шерпаси во светот. Досега се има искачено 12 пати на врвот на светот. Учесник е и сведок на настаните од познатата експедиција на Adventure Consultants која се одвивала во 1996 година.

Станува збор за една од најтрагичните сезони на Еверест, кога во еден ден животот го имаат загубено 12 планинари, меѓу кои и основачот и сопственикот Adventure Consultants – Роб Хол. Инаку, овој трагичен настан е опишан во бестселерот на Јохн Кракауер – ‘На редок воздух”.

Во Пангбоче, каде доминираше фасцинантниот поглед кон Ама Даблам (6814 мнв), имавме посебна церемонија на благослов од локалниот Лама. Покрај благословот, сите добивме амајлии и кати (свилени марами) кои ги носевме до крајот на експедицијата.

Трекингот го продолживме до Фериче (4240 мнв), едно мрачно и ветровито селце каде останавме 2 дена. Се искачивме на 5050 мнв и повторно се вративме во лоџот во Фериче. Оваа пракса на секојдневно пешачење на поголема надморска висина и ноќевање на пониска, ја применувавме и во натамошниот тек на трекингот.
Првите шест дена пешачење поминаа многу брзо. Одевме покрај ливади со смреки и брези, бучни водопади, прекрасни карпести предели, жуборливи потоци.

Во оваа фаза на трекингот веќе започнавме благо да ја чувствуваме хипоксијата, манифестирана со потешкотии во дишењето, главоболка и стомачна нелагодност. Главниот водач на нашата експедиција Давид Хамилтон од Шкотска, кој зад себе има три успешни качувања на Еверест, нé предупреди дека од овој период па сé до крајот на експедицијата, никогаш нема да се чувствуваме сосема нормално.

На патот кон Лобуче (4910 мнв) поминавме низ локалитетот наречен Чукпо Ларе каде се наоѓаат десетици споменици на загинати планинари и шерпаси. Веднаш го здогледав меморијалот на Диме Илиевски- Мурато, првиот Македонец кој на 10 Мај 1989 година, како член на Македонската експедиција, се искачи на Еверест. Споменикот се наоѓа на неколку метри од патеката по која проаѓаат сите планинари и истиот гледа кон Ама Даблам,

Западниот и Источниот врв на Лобуче (6135 мнв). Бев возбуден од средбата со Меморијалот на Диме. Од една страна горд што некој Македонец веќе бил тука и успеал да се качи на врвот пред 20 години, но истовремено и тажен што не успеал да се врати за да ја сподели радоста со своите најблиски.

Можев да ја почувствувам енергијата на загинатите планинари и шерпаси, луѓето кои физички го загубиле животот, но чии души дефинитивно и засекогаш останале на ова свето и вечно место.

Конечно, на 10 Април пристигнавме во Базниот камп (5364 мнв) каде веќе беа поставени кампови на неколку други експедиции. На патот до нашите шатори се сретнавме со членките на женската хрватска експедиција.

Се сместивме во индивидуални шатори. Имавме еден поголем заеднички шатор за оброци, шатор со импровизиран туш, како и шатор со комуникациска опрема. Ова беше нашиот нов дом во следните 5-6 недели. Првата фаза од експедицијата веќе беше зад нас.

4. Висински кампови и аклиматизација

Базниот камп се наоѓа на самиот Кхумбу Глечер, во подножјето на Кхумбу Icefall. Глечерот е во постојано движење, со поместувања од околу 1 метар дневно. Тоа значи дека неговата конфигурација постојано се менува.

Амфитеатралното опкружување на Базниот камп го сочинуваат планините Пумори (7165 мнв), Лингтрен (6749 мнв), Ло Ла, западниот гребен на Еверест и Нуптсе (7861 мнв). Во овој предел, во текот на целото деноноќие одекнуваат татнежи од лавини.
Следните неколку дена поминати во Базниот камп ги искористивме за аклиматизација, но и релаксирано пешачење до околните локалитети.

На 12 Април, беше организирана т.н. Пуја церемонија, без која ниту еден шерпас не го започнува своето искачување по глечерот. Станува збор за посебен ритуал во кој локалниот Лама пред импровизираниот будистички олтар и молитвените знамиња се моли на боговите и бара нивна дозвола за искачување на планината.

Следните неколку дена ги поминавме вежбајќи и усовршувајќи го го совладувањето на препреките во подножјето на глечерот.

На 18 Април во 03 часот, започна нашето прво искачување низ глечерот. Температурата се движеше околу 10 С под нулата. Во целосна темнина се искачивме до т.н. поп корн зона. По петте часа поминати низ глечерот, се вративме во Базниот камп.

Ноќта на 19 Април, во 01 часот по полноќ се упативме кон Кампот 1. Беа потребни 6 часа континуирано качување преку стрмните блокови од мраз за да стигнеме до Кампот 1 (6100 м). Кампот е лоциран на врвот на Кхумбу Icefall и влезот на Западниот гребен, познат под името ‘Тивка долина”.

Следното утро, во 05 часот, во услови на исклучително ниски темеператури, го започнавме нашето качување до Кампот 2. На исток се гледаше Лотце и изгрејсонцето на југоисточниот гребен на Еверест. Стрмните падини на Нуптсе беа јужно од нас.

По 3 часа качување, стигнавме во Кампот 2 (6500 м), кој се наоѓа на горниот крај на Западниот гребен. Инаку, кампот е поставен на морена (камена маса оставена при движењето на глечерот) и има функција на горен, напреден базен камп. Во Кампот 2 останавме еден ден. Тука за прв пат имавме можност да го слушнеме продорниот звук на ветерот кој доаѓаше од Еверест.

Следниот ден, во услови на многу студено и ветровито време, продолживме кон Падината на Лотце (Lotse face). Набргу по тргнувањето, Дариус колабираше.
Утредента – од Кампот 2, преку Кампот 1 и Icefall-от – се вративме во Базниот камп. Спуштањето траеше некаде околу 5 часа и 30 минути.

Во Базниот камп, Дариус и Давид Чаплин (фармерот од Австралија), ни соопштија дека се откажуваат и ја напуштаат експедицијата.

Во Базниот камп продолживме со режимот на секојдневен трекинг, комбиниран со одмор и релаксирани прошетки. Сега веќе можевме да го почуствуваме бенефитот од досегашната аклиматизација. Спиењето беше релативно подобро, дишењето послободно и помирно, главоболките и чувството на вртоглавица поретки.

На 29 Април ја започнавме втората фаза од висинската аклиматизација. Во раните утрински часови, влеговме во глечерот и истиот го поминавме за 6 часа. Стигнавме во Кампот 1.
Утредента следеше качувањето во Кампот 2. Стандардно, тргнавме рано. На почетокот од качувањето беше толку студено што воопшто не ги чувствував прстите на рацете. Кога стасав во Кампот 2, пак, бев препотен и истоштен од неподносливото печење на сонцето.
По еднодневен престој во Кампот 2 се упативме кон Кампот 3.

До базата на Падината Лотце, стасавме по 1 час качување. Од тука следуваше многу стрмен замрзнат сегмент во должина од 900 метри, кој мора да се искачи со фиксирани јажиња и употреба на т.н. јумар. Тоа беше многу напорно качување, вистински тест за нашата издржливост и подготвеност.

Ни беа потребни речиси 5 часа за да стигнеме до Кампот 3 (7300 м) и тоа во услови кога температурата варираше од исклучително ниски температури во утринските часови, до многу високи во текот на подоцнежните часови од денот. Кампот 3 е поставен на многу експониран и стрмен терен, со фантастичен поглед кон Пумори, Лотце и Еверест.

Со преспивањето во Кампот 3 заврши и нашиот аклиматизациски распоред. Следниот ден, по екстремно студено и ветровито невреме, се симнавме во Кампот 2 каде преспавме и ден потоа се вратиме во Базниот камп.

Попладнето имавме заеднички состанок со раководството на експедицијата. Дискутиравме за следните чекори. Бевме многу разочарани кога главниот водач Давид ни кажа дека во следните десетина денови не се очекува поволно време за одење кон врвот.
Ставот на Давид беше дека најдобро е да се спуштиме до Пхериче (4200 м., кој се наоѓа под Базниот камп) и да го забрзаме периодот на високо квалитетен одмор. Сите го почитувавме ставот на раководството и следниот ден се симнавме во Пхериче.

По четиридневниот период на одмор, релаксација, спиење, читање, многу храна и секојдневен трекинг програм, се вративме во Базниот камп. Поради постојаното движење на глечерот, конфигурацијата на просторот околу нашите шатори беше изменета.
Следните неколку дена во Базниот камп имаше невреме со постојани снежни врнежи.

Деновите ги поминувавме во исчекување на вести за временската прогноза. Ова беше многу напнат период кога поради должината на експедицијата организмот започнува да навлегува во т.н. катаболна фаза. Фаза на разградување, иако аклиматизацијата беше завршена.

Изгубив околу осум килограми, пред сé од мускулната маса. Исто така, речиси сите маснотии од моето тело беа стопени од што станав почуствителен на студот. За успехот на експедицијата можеби од пресудна важност е балансот помеѓу добрата аклиматизација и релативно добро зачуваната снага на организмот, пред неизбежното навлегување во катаболната фаза.

Според нашата временска прогноза, базирана на податоците од Швајцарија, како и според плановите на останатите експедиции, нашето раководство донесе одлука за тргнување кон врвот на 15 Мај наутро.

5. Кон врвот (Summit push)

И Конечно, на 15 Мај по 45 дена и стотици километри поминати на падините на Хималаите на височина од 2800 до 7300 м.н.в., во раните утрински часови по седми пат тргнавме низ Icefall-от. Бев повеќе од задоволен што го проаѓам овој многу ризичен сегмент за претпоследен пат.

Конфигурацијата на теренот беше многу изменета. Некои од клиновите и фиксните јажиња беа разлабавени и сосема нефункционални, а дел од алуминиумските скали сериозно дестабилизирани. Беа потребни не повеќе од 5 часа и триесетина минути качување за да стигнеме во Кампот 1, каде останавме до следниот ден. Во текот на денот температура во шаторот го достигна 40 С над нулата, а со заоѓањето на сонцето падна на – 20 С.

Следниот ден продолживме до Кампот 2, од каде утредента се упативме кон Кампот 3, при тоа качувајќи ја респектабилната Падина Лотце по многу студено и ветровито време. Тука веќе почнавме да ги чувствуваме сите симптоми на т.н. катаболна фаза: слабост, истоштеност, отсуство на апетит, главоболка, гадење, стомачна нелагодност, отежнато дишење …

Иако ноќта ја поминавме со употреба на кислород, воопшто не можев да заспијам. Имав потешкотии со дишењето и чувствував кркорење за кое не можев да прецизирам дали е од стомачно или белодробно потекло. Бев загрижен од евентуален развој на белодробен едем. За среќа, тоа беа само симптоми од глобална хипоксија, која мојот организам сеуште добро ја толерираше.

На 18 Мај се упативме кон последниот од висинските кампови, Кампот 4. Денот беше исклучително напорен. Со маски за кислород, споро ги искачувавме неколкуте стотини метри по стрмен, замрзнат терен, по што следеше попречен преод кон карактеристичниот жолт појас. Откако го поминавме овој технички напорен карпест сегмент, стигнавме до вториот карпест дел, познат како Сртот Женева. Веќе навлеговме во таканаречената зона на смртта (над 7600 м).

На Јужното седло, каде се наоѓа Кампот 4, пристигнав во 12 часот напладне. Иако првично беше договорено во Кампот 4 да имаме еден ден одмор, раководството на нашата експедиција одлучи уште истата вечер да тргнеме кон врвот. Причината беше релативно добрата временска прогноза за следниот ден, како и најавата дека најголем дел од останатите експедиции ќе одат кон врвот ден потоа.

Тоа попладне на неколку пати излегував од шаторот. Но, поради силниот ветер и ниските температури морав брзо да се повлекувам назад во шаторот. Сепак, некако успеав да направам неколку фотографии. Погледот беше навистина фасцинантен. На исто ниво можеше да се следи долгиот и остар гребен на Нупсе кој продолжува кон Лотце. Длабоко долу се гледаше Пумори и останатите пониски врвови (над 7000 м). Се издигнуваа од густите надвиснати облаци кои ги покриваа нивните подножја. Конечно, пред мене – иако веќе се наоѓам на височина од околу 8000 м – застрашувачки се исправи огромен планиски масив – Јужниот врв на Еверест.

На 19 Мај, во 21:30 часот тргнавме кон врвот на Еверест. Прв одеше Пасанг Тензинг, по него шерпасот Дава Јангбу, јас, Анг Дорје и останатите членови од нашата експедиција. Ноќта беше многу студена, Се движевме во целосна темнина, осветлувајќи го патот со ламбите на глава. По замрзнатото небо беа распрскани безброј звезди, многу повеќе отколку што сум видел во целиот мој живот.

Најпрво го поминавме делот наречен Син мраз, кој не е многу стрмен. Качувањето по снежните и замрзнати стрмнини на Triangular face во мрачните и студени часови, беше навистина исцрпувачки. Некои членови од нашата експедиција го окарактеризираа како вистинскио психолошко премрежје. Продолживме кон спецефичниот гребен познат како Балкон (Balcony, 8414 м), каде ја направивме и првата пауза.

Сеуште беше темно. Дуваше многу силен ветер и немаше речиси никаква видливост. Температурата се движеше помеѓу -37 и -42С. Меѓусебната комуникација беше многу тешка. Ги почуствував првите знаци на умор. Бидејќи веќе се наоѓавме над 8400 мнв, сметав дека од тука па сé до врвот, висински не ми останува уште многу. Меѓутоа, вистинскиот напор допрва претстоеше!

Продолживме по Југоисточниот гребен кон Јужниот врв на Еверест. По искачувањето на неколкуте стрмни карпести сегменти, стигнав на Јужниот врв (8750 м). Веќе почна да се разденува. Лево под мене се гледаше сенката на Еверест. Се појави уште еден поглед кој ме остави без здив! Погледот кон вистинскиот врв на Еверест!

Левата страна од наочарите ми беше целосно замрзната. Па така, видното поле од левата страна ми беше сосема блокирано. Без разлика на сé, погледот наоколу беше спектакуларен!
Започна да се разденува, па така и прегледноста кон врвот стануваше сé појасна и поубава. Се движев многу, многу бавно. Еден чекор, три до пет вдишувања и издишувања, втор чекор, три до пет респирации…

Пристигнав во подножјето на легендарниот Hilary step. Се смета за еден од најпознатите терени во светот на планинарењето, со неговите речиси вертикални карпи и мраз високи дваесетина метри. Делуваше застрашувачки.

Само што ја поминав најужасната пречка на сртот, карпестиот и тешко прооден Hilary step, се одрони една голема снежна стреа! И тоа точно на местото од каде само еден момент претходно се помрдна еден од нашите шерпаси! Никој од нас не реагираше. Ниту пак прокоментира нешто! Како сé да беше најнормално и ништо да не се беше случило.
Додека се приближував кон врвот, источната страна започна да се наоблачува. Иако сакав што побрзо да стигнам на врвот, веќе бев истоштен и немав сила да го забрзам качувањето.
И конечно! Бавно изодувајќи ги последните чекори се најдов на врвот, повеќе немаше каде да се искачувам. Бев на највисоката точка од Планетата! Беше точно 08:00 часот наутро.

Пред мене на врвот стигнаа шерпасите Пасанг Тензинг, Анг Дорјее и Дева Јангбу. Застанав на самиот врв каде имаше развеани стари молитвени знамиња и замрзната статуа на Буда. Се обезбедив на фиксното јаже и седнав на врвот. Со еднета нога бев во Тибет- Кина, со другата во Непал. Ја извадив кислородната маска и се обидов да го откопчам џебот на јакната каде го чував фото апарат. Патентот беше замрзнат и покриен со дебел слој мраз. Едвај успеав да го откопчам, но следуваше големо изненадување: апаратот не можеше да се отвори, беше целосно замрзнат. Апаратот беше неупотреблив. Во ранецот носев уште еден фото апарат, Никон Д90 кој, за среќа, функционираше.

Од ранецот го извадив македонското знаме. Во тие моменти бев многу среќен и возбуден. Чувството на национална припадност е едно од најдоминантните чувства во овие моменти. Кога го развиорив знамето, почувствував како целиот македонски народ да е со мене на врвот на светот!

На врвот останав триесетина минути. И тоа цело време без кислород. Едноставно, заборавив повторно да ја ставам маската. Уживав во незаборавните моменти на смиреност, комплетна исполнетост и задоволство. Сепак, Шерпасот Дева Јангбу инсистираше да тргнеме надолу. Не можев да сфатам зошто брза? Но качувањето на врвот навистина беше само половина успех. Секој поттик за самозадоволство што го почувствував го снемуваше кога ќе се потсетев на долгото и опасно симнување што ме чека.

Од сегашна перспектива и од оваа временска дистанца, слободно можам да заклучам дека проценката за навремено симнување е еден од клучните фактори за успешно реализирање на целокупната експедиција. Неопходно е да се сочува значителен процент од внатрешните психо-физички резерви потребни при екстремно напорното спуштање кон Јужното седло.
Потоа започна најтешкиот дел од целокупната експедиција – спуштањето по Југоисточниот гребен. Видливоста беше многу намалена. Чувствував голем замор. Критичноста и моќта за расудување беа сведени на минимум.

Над Hilary step мораше да застанеме за да и отстапиме простор на една поголема група планинари кои бавно се движеа кон врвот. Hilary step е многу стрмна и ризична карпеста патека, како за качување, така и за симнување. Самата карпа е мазна и тешко проодна. Бариера која тешко се надминува во услови на истоштеност и екстремна хипоксија. Згора на тоа, има простор само еден човек да помине.

Така залепен до една пукнатина на карпата, останав речиси четириесетина минути. Само одвреме – навреме минимално ќе се поместев. Луѓето кои што се качуваа кон врвот имаа големи потешкотии при совладувањето на овој сегмент. Воопшто не забележав кога покрај мене поминале главниот водач Давид и Карстен. Според Давид, од сите негови претходни (четири) искачувања, ова му било најтешко.

 

На моменти помислував на Димитар Илиевски Мурато и неговото спуштање од врвот, кое се одвивало некаде околу 18 часот на 10 Мај 1989 година. Според актуелните стандарди, пристигнување на врвот на Еверест пожелно е да биде до 10 или најдоцна 12 часот на пладне. Секое спуштање од врвот по 14 часот се смета за екстремен ризик. Речиси секогаш попладневните часови на Еверест знаат да бидат крајно непредвидливи, проследени со многу силен ветер и бури. Си замислував како ли Диме се движел доцна, сам во услови на невреме и многу слаба видливост ….

За половина час се спуштивме до Јужниот врв, каде ја заменив боцата со кислород и ја допив последната голтка од малиот термос со чај. Пред мене одеше шерпасот Дева Јангбу. Ние бевме првите двајца од нашата експедиција кои што го започнавме симнувањето од врвот.
Симнувајќи се од Јужниот врв по многу длабок снег, во еден момент почувствував силен удар во вратот. Ударот беше предизвикан од поголема грутка мраз. Најверојатно, се откачила при симнувањето на планинарите кои се движеа зад нас. Ударот беше силен и болен. Но, на некој начин ме освести, бидејќи се наоѓав во некоја лебдечка и недефинирана состојба. Состојба на индолентност и апатија.
Правевме доста паузи и при секое застанување добивав неодоллива желба за спиење. На неколку пати, дури и задремав.

Околу 13 часот стигнавме до Јужното седло и Кампот 4. Со крајни сили го извадив ранецот, појасот и дерезите. Влегов во мојот шатор и некако се вовлеков внатре. Нозете ми останаа во предворјето на шаторот. Немав сили целосно да влезам внатре. Така заспав. Се подразбудив 1 час подоцна и се довлечкав внатре. Кога пристигнаа Анг Дорјее и Хамиш некаде околу 16 часот, ме разбудија. Но немав сили за разговор. Станав дури следното утро во 07 часот. Бев одморен и презадоволен што успеав, но потсвесно размислував за тешкотиите што ни претстојат. Спуштањето кон Кампот 3, па Кампот 2 по експонираниот терен на карпите од жолтиот појас, Лотце face. . .

Утрото, Нил и Хамиш пријавија дека имаат смрзнатини на рацете. Нил изгледаше очајно, со тешки смрзнатини на трите прсти и болен грч на лицето.
Околу 14 часот стигнавме до Кампот 2. Тука преспавме една вечер. Утредента продолживме кон Базниот камп, преку Кампот 1.
Тоа беше нашето осмо проаѓање низ Icefall. Овој пат и најтешко. Мразот беше делумно растопен, па така многу од клиновите беа разлабавени, а скалите изместени и дестабилизирани.
На базата од Icefall не пречека Каролина, нашиот менаџер од Базниот камп и Анг Тшеринг, главниот шерпас на експедицијата.
Во истиот момент, од радиостаницата го слушнавме паничното јавување на шерпасите кои сеуште се движеа низ Icefall-от. Информираа дека еден од шерпасите паднал во длабока пукнатина во која сеуште виси. Шерпасот паднал додека се наведнувал да се обезбеди на едно од фиксите јажиња пред скалите. Големиот товар од ранецот го повлекол надолу и се струполил скоро триесетина метри во длабочината на пукнатината.

За среќа, од големиот ранец на грбот се заглавил во пукнатината. Акцијата за неговото извлекување траеше речиси 2 часа. На крајот, беше успешно извлечен. Имаше три скршени ребра. Заради отежнатото и ограничено дишење побаравме шерпасот да биде евакуиран во Катманду. Но, временските услови не дозволуваа слетување на хеликоптер во Базниот камп. Дури после три дена, кога времето се подобри, шерпасот беше евакуиран во Горак Шеп, со веќе јасни знаци на пневмонија.

Дента кога се симнавме во Базниот камп имавме свечен ручек (суши), а вечерта заедничка прослава со шерпасите. Се гледаше огромна истоштеност на лицата и променети физиономии како резултат на надчовечкиот напор. Но, сите бевме среќни и задоволни што имавме успешна завршница на долгата и напорна експедиција.
По еднодневното пакување го напуштивме Базниот камп. Уште еднаш преспавме во Пхериче, а следниот ден од Лукла, со хеликоптер се упативме кон Катманду. Времето беше дождливо, со многу слаба видливост и дури кога слетавме во Катманду знаев дека експедицијата е успешно завршена.

Што да се каже на крајот?

Секој има своја планина што треба да ја искачи во животот. И ја качува. Секој на свој начин и со својата судбина.

Јас сум среќен што ја имав можноста да се искачам на највисоката планина на светот – Мајката Божица Чомолунгма.

Времето е се што имаме, времето е животот. Но на крајот, имаме помалку одколку што мислиме.

Напишано од Сашко Кедев

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија