Известување од ВОЗДУХОПЛОВНА ФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА / Селектор на репрезентација во воздухопловно моделарство Здравко Тодороски

Единаесетти во светот! Одличен настап на нашите репрезентативци

За секое учество на натпревар вреди да се информира, а посебно за светски шампионат на кој се постигнати и вредни резултати. Двајца млади ентузијасти, спортисти во воздухопловно моделарство учествуваа на шампионат во Романија и потврдија дека имаме потенцијали и во овие воздухопловни дисциплини. 

 

Репрезентативците Небојша Стошиќ и Дејан Алексов, и двајцата членови на Аеро Клуб „Витачево” од Кавадарци на Светскиот Јуниорски Шампионат во воздухопловно моделарство во Романија од 28 до 3 Август успешно ги одбранија боите на Македонија.

На терените во близина на градот Салонта во Романија, нашите воздухопловни моделари го имаа својот прв настап на светски шампионат и во исклучително силна конкуренција докажаа дека се подготвени и за најголемите меѓународни натпревари.

Во конкуренција од 50 врвни натпреварувачи, Небојша Стошиќ го покажа својот висок потенцијал и успеа да оствари максимално времетраење во сите седум натпреварувачки летови, со што влезе во групата на 12 најдобри светски воздухопловни моделари. По изведувањето на Флај Оф летовите со кои се одредуваше конечниот пласман за врвот на табелата, тој во конечниот пласман го освои единаесеттото место.

Дејан Алексов уште при првиот лет поради ненадејна промена на термичките струења не успеа да реализира максимално времетраење, што од старт го елиминира од трката за висока позиција.

Но упорноста и психолошка стабилност му овозможи во другите летови да реализира шест максимуми, со што го освои 23 место и успеа да остави повеќе од половина од учесниците зад себе.

Првото учеството на нашите млади спортисти на светски шампионат и успехот кој го постигнаа уште еднаш докажа дека Македонија во воздухопловните спортови има голем потенцијал, и наследници на воздухопловците кои не така одамна и донесоа на својата држава светска и европска слава освојувајќи шампионски и вицешампионски титули, како и прво место во генерален пласман од светскиот куп.

Тоа е само уште една мотивација повеќе, затоа што не очекува досега најголемиот предизвик, а тоа е организацијата на Светски Јуниорски Шампионат во воздухопловно моделарство во Македонија во 2016 година.

Релативно краток временски период за спортските работници, во кој треба да ги обезбедат сите услови за успешна организација на светски шампионат, а истовремено да им го овозможат на спортистите и на воздухопловните спортови во Македонија да го добијат заслуженото место и статус.

Сите резултати можете да ги најдете ТУКА

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија