Божиќен Сквош Отворен Турнир 2014

Во вторник, на 16ти декември, за првпат се одржа „Божиќен Сквош Отворен Турнир” со учество на 19 натпреварувачи. Освен од Македонија, учествуваа и натпреварувачи од САД, Италија, Србија и Романија.

Турнирот се одржа на терените на Сквош Центар во Скопје, со забрзано темпо, организиран како комбинација од групен систем на почеток, а од полуфиналето натаму како систем на елиминации. Се играа мечеви до разврска за сите места, со по 5 меча по натпреварувач.

Турнирот го освои државниот шампион Кирил Сотировски, со победа од 3:1 над Бранко Калеовски во финалето. Третото место го освои некогашниот вицешампион од првенството 2011г., Благоја Богоевски, кој го победи Златко Крстевски со 3:2, во највозбудливиот натпревар на турнирот.

Од турнирот во последен момент се откажа Стефан Шишовски, инаку освојувач на Купот на од пред 30-тина дена, и финалист на четирите претходни сквош натпреварувања во Македонија. Ова беше одличен мотив за неколкумина играчи од сенка, и освен Калеовски, одлично се снајдоа и Богоевски, како и еден од ветераните, Крстевски. Богоевски имаше одличен настап, и уште во групната фаза се наметна како претендент за висок пласман. Тој, без пораз го освои првото место во групата со најизедначени натпреварувачи, додека повисоко рангираниот, Горан Панев мораше да се задоволи со второто место во таа група, со што ја испушти можноста за пласман во полуфинале.

Крстевски најдобро го искористи отсуството на Шишовски и со пожртвувана и вдахновена игра конечно ги дочека своите моменти. Тој, освен во борбата за трето место, беше протагонист и во вториот највозбудлив натпревар на турнирот, кога во групната фаза извојува тесна победа над Емил Новески. Во тој меч, иако го изгуби првиот сет во тај брејк, сепак се врати во игра, и во финалниот сет спаси и меч топка пред да победи.

Сотировски и Калеовски го оправдаа статусот на фаворити, и практично се прошетаа низ групната фаза. Во полуфиналињата, Сотировски го победи Богоевски, а Калеовски го победи Крстевски со максимален резултат и со рутинирана игра. И финалето беше со одличен квалитет, со долги и поени и разновидна игра од обајцата. Се чини дека Калеовски пружи поголем отпор отколку во неколкуте претходни нивни натпревари, и според квалитетот се доближува до Сотировски. По брзо и лесно загубениот прв сет, Калеовски се концентрираше и ја наметна својата игра, не откажувајќи се ниту во навидум загубените ситуации. Сотировски во тој сет се обидуваше со постатична и поспора игра, а со попрецизни удари да ја неутрализира динамичната игра на Калеовски, но не успеа резултатски да влезе во завршницата на сетот. Во простанатите сетови резултатот беше изедначен до пред самиот крај, но Сотировски ја задржа својата присебност како и многу пати досега во овие дуели и не дозволи изненадување. Со овој успех Калеовски освои ранкинг бодови со кои го престигна Шишовски на второто место на сквош натпреварувачи во Македонија, и со тоа се постави во подобра позиција за жребовите на следните натпреварувања.

Најпријатното изненадување на турнирот е пласманот, но и играта на Богоевски. Тој, иако веќе подолго време има намален интензитет на тренинзи, на најдобар начин демонстрираше зашто во своите најдобри денови беше редовно меѓу најдобрите четири натпреварувачи во Македонија. Во натпреварот за трето место тој го издржа налетот на вдахновениот Крстевски, иако за победа му требаа 5 сетови.

Емил Новески, на своето второ учество го потврди пласманот и добрата игра од турнирот за сквош Купот, и се наметнува како сериозен фаворит од сенка за следните натпреварувања. Во мечот за петтото место го совлада индиспонираниот Горан Панев. Панев, иако во одлична физичка форма, и технички спремен, сепак не одигра на своето ниво, и имаше падови во концентрацијата во неколку натпревари. Сепак, и покрај тоа, повторно се задржа при врвот. Забележливи настапи имаа и американецот Марк Лассер, Живко Котевски, Ѓоко Петковски и Димитар Димов, а со малку среќа и подобра концентрација, сигурно можеа да остварат и повисоки пласмани, кои ги заслужуваат според квалитетот. Послабата физичка спремност на Дарко Црвенковски, Љупчо Деспотовски и Михајло Ристески битно влијаеше за нивната неможност да го издржат притисокот и концентрацијата при повисоко темпо на игра, и тоа се реперкуираше на нивните резултати. Италијанецот Франческо Корбо уште еднаш прикажа висок технички квалитет, но заради сериозна повреда на ногата беше спречен да постигне подобри резултати. Слободан Милутиновиќ од Србија и Александру Лукеску од Романија имаа неколку одлични натпревари, но губеа тесно и не постигнаа пласман според очекувањата.

Финале – Кирил Сотировски : Бранко Калеовски – 3:0 (11:4; 8:11; 11:7; 11:9)

Меч за трето место – Благоја Богоевки : Златко Крстевски – 3:2 (11:8; 6:11; 11:5; 8:11, 11:8)

Полуфинални мечеви – Кирил Сотировски : Благоја Богоевски – 3:0 (11:2; 11:5; 11:7)

Бранко Калеовски : Златко Крстевски – 3:0 (16:14; 11:9; 11:9)

  • 1 Кирил Сотировски
  • 2 Бранко Калеовски
  • 3 Благоја Богоевски
  • 4 Златко Крстевски
  • 5 Емил Новески
  • 6 Горан Панев
  • 7 Марк Лассер
  • 8 Живко Котевски
  • 9 Ѓоко Петковски
  • 10 Димитар Димов
  • 11 Дарко Црвенковски
  • 12 Љупчо Деспотовски
  • 13 Франческо Корбо
  • 14 Михајло Ристески
  • 15 Слободан Милутиновиќ
  • 16 Александру Лукеску
  • 17 Наум Ристановски
  • 18 Илија Плавески
  • 19 Кристијан Сеизов