Златен цеппин во ла Грав

Наслов

Алпинизмот е повеќе уметност отколку спорт - Војтек Куртика

Од 14-17 Април во Ла Грав, Франција се одржа овoгодишниот „Златен Цепин", најпрестижната манифестација за алпинистички достигнувања на годината како и доделување на признание за животно дело.

Под директни впечатоци од опкружувањето со најдобрите качувачи на планетава, чувствувам потреба да ги споделам моите импресии со Македонската алпинистичка, високогорска, планинарска и спортско качувачка заедница. Како и со сите останати кои се радуваат на овие успеси, кои ја сакаат и почитуваат природата и кои го разбираат чувството на припадност кон екстремните услови на сметка на секојдневниот комфорт.

Признание златен цепин за животно дело за бескрајните подвизи на Војтек Куртика. Првенствени насоки во сите услови низ Алпите, меѓу кои првенствена насока на гран Жорас во 1975. Зимски искачувања на Хинду Куш, Хималаи и Каракорум. Следат кулите Транго и спектакуларниот западен ѕид на Гашербрум 4,(во 1987) кој го опишува како најубаво и најмистериозно искачување. Според Војтек „алпинизмот е уметност на слободата" и за него алпинизмот е повеќе уметност одколку спорт".

Во последните две години Војтек се навраќа кон качување „сува" карпа, каде пронаоѓа друга форма на слобода и ги надминува аверзиите кои го прателе уште од млад. По неколку неделна „работа" ја солира насоката Кинески Махараџ - 8а, во близина на Краков.
Самиот златен цепин оваа година беше изненадување само за себе, како уникатен скулптурен примерок изработен од уметникот Анди Паркин.

Четирите најзначајни искачувања за годинава според жирито на Златен цепин се:
Талунг 7348м (Непал), првенствено искачување на северозападниот столб од страна на Украинците Никита Балабанов и Михаил Фомин.

Англичаните Пол Рамсден и Мик Фоулер на Гав Динг 6571м (Непал),првенствено искачување, северна страна. Добитници на златен цепин во 2002 и 2013
Хејден Кенеди (САД), Марко Презељ(Сло), Урбан Новак(Сло) и Ману Пелисер(Фр) на Серо Киштвар 6173м(Индија). Повеќекратни добитници на златен цепин, овојпат со 1200м линија искачување во четворка.


И четвртата номинација е за Серо Рисо Патрон 2550м (Чиле) од уште една мешана екипа и единствената девојка: Лиз Билон (Фр), Антоан Моанвил (Фр), Жером Суливан (Фр/САД) и Диего Симари (Ар). Серо Рисо се наоѓа на 50 км од Серо Торе, четворката го искачува северо источниот столб, што е второ искачување на овој изолиран врв.

Освен деталните презентации, за време на минатите четири дена имав чест да се запознаам и со Француската легенда од понежниот пол Кетрин Дестивел, повторно да се сретнам со истакнатиот Англиски водич и алпинист, Виктор Сандерс (кој беше дел од техничкото жири на Златен цепин), да качувам, дружам и разговарам со некои од гореспоменатите имиња што беше неверојатно инспиративно и мотивирачко чувство.
Се надевам со овие неколку зборови и фотки ќе ви пренесам барем дел од енергијата што зрачеше таму.

20 Април 2016

За авторот