Активности на Спортскиот арбитражен суд при МОК

Денес, претседателот на САС на МОК, Проф. Д-р Тони Дескоски одржа излагање пред Националните спортски федерации на тема “Решавање на спортските спорови пред Спортскиот арбитражен суд при Македонскиот Олимписки Комитет (САС-МОК)”

Беше наведено дека спортската арбитража претставува начин на решавање на споровите од спортските односи, каде што приватни лица (арбитри), црпејќи ги овластувањата од спогодбите на странките конечно го решаваат спорот кој им е доверен со одлука која е обврзувачка за странките, а што е признато и од правниот поредок на државата.

Надлежноста на САС на МОК може да се договори за решавање на спорови помеѓу спортисти, физички и правни лица (НСФ-ии) кои вршат спортска дејност и спортски здруженија и организации, за права со кои странките слободно располагаат, ако со закон не е предвидено дека за решавањето на одреден вид на спорови постои исклучива надлежност на судовите на Република Македонија.

Постапката, по правило, е затворена за јавност, може да биде и доверлива, кај одредени арбитражни институции и самото покренување на постапката е доверлива информација. Одлуките, по правило, не се објавуваат, освен ако странките не се согласат поинаку (САС на МОК, чл. 53, ст. 3).

Арбитражните пресуди на САС-МОК се задолжителни за странките и имаат својство на извршна исправа.