Адам Глигорoски на тренерска Олимписка обука за дигање тегови

Македонскиот олимписки комитет за потребите на Федерацијата за дигање тегови на Македонија обезбеди двомесечен престој во Соединетите Американски држави на Адам Глигорoски, тренер предложен од страна на соодветната федерација.

 

Во соработка со Американскиот и Меѓународниот олимписки комитет како и со Меѓународната федерација за дигање на тегови (IWF), МОК ја обезбеди оваа нова олимписка обука и е еден од ретките олимписки комитети во светот, ако не и единствен, кој секоја година од почетокот на програмата испраќа тренери од Македонија на усовршување во Олимпискиот центар во Колорадо Спрингс (САД). Програмата започнува на 18 Септември 2014 година во САД, а ќе заврши со последниот модул заклучно со 3 мај 2015 година, во седиштето на ИОК во Лозана, Швајцарија кога нашиот тренер ќе полага пред тричлена комисија составена од претставници од ИОК, Меѓународната федерација за дигање на тегови и Американскиот олимписки комитет.

Предавањата ќе бидат насочени кон основите на спортскиот тренинг, дизајн и планирање на тренинг, идентификација на таленти, спортската медицина, спортски повреди, спортската психологија, нутрицизам, биомеханика, анти-допинг, изработка на микро, мезо и макро циклуси, темпирање на форма, спортски менаџмент, спортски маркетинг и слични содржини кои се неопходни за постигнување на врвни спортски резултати на еден спортист.

Проектот на Адам Глигороски, кој треба да го помогнат и Македонскиот олимписки комитет и Федерацијата за дигање на тегови на Македонија, ќе се фокусира на подобрување за тренерската инфраструктура и развојот на младите спортисти во дигање тегови во Македонија. МОК искрено верува во квалитетите на Адам Глигороски и го искажува своето задоволство што зад себе како најголем поддржувач го има Американскиот Олимписки Комитет и претседателот Лери Пробст III како еден од најголемите пријатели на Олимпизмот и спортот во Македонија.