Македонско сонце на Тур д Франс – Интервју со Слободан Трајковски

И како што и ги испративме, така и ги дочекавме, со насмевки, оџарени лица и многу што да кажат. Затоа направивме интервју за нашите бајрактари на најголемиот настан на 2 тркала.

К4Т – Како првично се создаде идејата за репрезентативно претставување на нашата држава на Тур Д Франс, зборуваме за првата екседиција, пред три години?

Слободан – Мојата прва идеја пред три години беше да возам некаде низ Баварија или Ломбардија. Потоа си помислив да возам се до Барселона. И на крај ми текна: кога веќе поминувам покрај Алпите, зошто да не искачам некој планински превој и зошто да не изгледам некоја етапа на ТдФ. Така и тргнавме.

Таа година бевме четворица. На првата наша етапа на ТдФ на Сестриере, ни пријде еден јапонски фотограф и не сликаше со знамето. Подоцна таа фотографија беше објавена во медиумите во Македонија и така настана еуфоријата со појавувањето на македонското знаме на Тур де Франс. Сите ни велеа дека сликата била многу популарна, но ние не знаевме за што се работи бидејќи немавме интернет ниту некаква друга информација.

Таа година кога се вративме во Скопје дури ни приредија и организиран дочек на плоштад. Но ние само бевме да возиме низ Франција.

К4Т – Што беше потешко, да се подготвите физички, или да успеете да ја обезбедите потребната подршка (во секоја друга смисла) за да ја направите оваа експедиција возможна?

Слободан – Според мене, физичката подготвеност на учесниците не е најважна за да би се издржал напорот со којшто се соочуваме за време на експедицијата. Останатата поддршка исто така. Луѓето веќе знаат што правиме и колку е важно тоа и веднаш ни даваат безрезервна поддршка. Оваа година таква поддршка добивме од Јана вода и од велосипедските продавници Бајк маркет и Пробајк.

Она на што јас ставам најголем акцент во однос на пдоготовките е психичката подготвеност. Тука секој паѓа. Полесно е да ја искачиш планината со својата физичка сила отколку ментално да се натераш и одржиш да го направиш тоа. Потоа следи тежината на одржувањето хармонија во тимот којашто исто така е плод на менталната сила.

К4Т – Што сè опфативте на овогодинешниот Тур (малку бројки) и дали беше лесно да се справите со оглед на сета таа опрема со која што возите?

Слободан – Оваа година поминавме 1150 километри за 14 дена и имавме вкупно искачување од над 23000 метри. Искачивме 14 планински превои и гледавме 5 етапи на Тур де Франс. Оваа година експедицијата траеше најкратко и затоа имаме поминато помалку километри во однос на другите години, но имаме многу искачување. На тоа ставив акцент на оваа експедиција.

Оваа година имавме најмногу километри, споредено со другите години, кога возевме по истата рута на турот, но ние тоа го возевме во други термини. Но голем дел од патот се поклопи. И секако дека не е лесно да се помине целата таа километража и висина со 30-40 килограми на точакот коишто ве влечат назад. Но и тоа е дел од предизвикот. За оваа година ми предложуваа да одиме со коли и да се сместуваме во кампови и хостели, но јас и реков дека тоа не е она што експедицијата го прави. Сè што ќе понесеме си го носиме со нас позади во торбите.

К4Т – Кој планински превој беше најтежок за качување? Беше ли некој што беше дел од Тур, или некој сосема друг.

Слободан – Тежината на искачувањето зависи од превој до превој. Товарот што го носиме со нас секако дека многу ни одзема енергија, но тоа не се чувствуваше кога ги искчувате Алп Дуез и Мон Венту пред натпреварувачкиот караван, а покрај патот имаше стотици илјади навивачи коишто се тука за турот и сега навиваат за нас. Нè поддржуваат.

Најтешко беше кога ги искачувавме Кол ду Гландон и Кол де ла Кроа де фер во еден здив. Вкопно двата превоја имаат 23 километри, но ние ги искачивме за околу 4 и пол часа. Тоа беше исцрпувачки.

 

К4Т – Откри ни некоја анегдота која се случи на патешествието. Технички проблеми, комуникација, снаоѓање итн?

Слободан – За среќа оваа година немавме никакви технички проблеми, освен две дупнати гуми коишто биле дупнати уште пред тргнувањето и лошо залепени. Во однос на комуникацијата, таа секогаш потфрла во самиот тим. Не секој човек е подготвен да функционира како дел од тим. Дури мислам дека повеќето од нас се индивидуалци. Тука потфрливме оваа година.

Своето ЈАС мора секогаш да биде тргнато на страна и да се мисли тимски, ако ја немате таа особина, никогаш нема да се вклопите во тимот. Во однос на комуникацијата со останатите велосипедисти или со локалното население исто така немавме проблеми бидејќи ние тројца зборуваме неколку јазици, вклулчувајќи и малку француски.

Еднаш на еден французин му пријдовме и го прашавме дали зборува англиски.Тој погледна лево-десно, се увери дека не го слуша никој од французите и тогаш ни одговори дека зборува. Се однесуваше како англискиот јазик да е забранет во Франција. Се чувствував како да сум во Егејска Македонија во времето кога македонскиот јазик бил забранет за употреба.

А за снаоѓањето немавме никакви проблеми бидејќи веќе ни е трета година по патиштата низ Франција и се движиме слободно користејќи само карта. Немаме никакви други уреди за навигација.

К4Т – 14 дена на отворено во Франција. Неколку зборови за тоа.

Слободан – Нема ништо поубаво од тоа да можете да возите низ најубавите предели во Франција како Алпите или Прованса и притоа да си дозволите да кампувате кадешто сакате вие. Тоа е можеби најголемиот предизвик и уживање за мене. Слободата да се одбере каде ќе преноќиш, и секое следно место да биде поубаво од претходното. Овој начин на кампирање носи и опасности, но не размислуваме на тоа.

Кога ние тргнуваме на пат со велосипедите ја знаеме само рутата. Не знаеме каде има вода за пиење, место каде ќе можеме да се избањаме и испереме, каде има голем маркет каде ќе можеме да пазариме оброци за следните денови и затоа носиме толкав товар на багажникот. Но, наградата ја добиваме кога ќе се разбудиме утрото и ќе видиме на колку убаво место сме преноќиле. Но не е секогаш толку убаво и романтично.

Една вечер добив порака од наша пријателка која ни кажа дека сме биле херои во Македонија. А во тој момент се пробивавме низ висока трева за да стигнеме до местото за спиење каде што имаше комарци и секакви бубачки. Беше одвратно. Ама херои, си помислив. Да знаат во Скопје каде сме сега. Не е секогаш баш така романтично. Но и тоа мора да се издржи за да се стигне до целта коешто остварување секако ќе ни донесе други убави моменти.

 

К4Т – Сретнавте ли други репрезентативни експедиции како вас и дали остваривте контак?

Слободан – На патиштата имаше луѓе од целиот свет. Некои патуваат со торби на велосипедите и спијат каде најдат како нас, други патуваат со помал товар и спијат по кампови, а трети само се развозуваат наоколу со точаците што си ги носат во кола или кампери. Но никој не се замара толку за истакнување на државното знаме како нас. Што им значи на Британците, Белгијците или Французите да го истакнат нивното знаме кога на крајот на денот секако ќе го видат на пиедесталот, бидејќи нивниот натпреварувач најверојатно победил. И затоа не ја разбираат нашата желба кога се трудиме толку ревносно да го развееме знамето на најдобрата позиција и пред тв камерите. А контакти секако дека остваруваме по целиот пат. Постојано сме во дискусија со патници како нас. Обично разговараме за турот, за жолтата маичка, за условите за велосипедизам во Франција, за превоите што ги качуваме и за условите за велосипедизам во својата земја. И обично на крај разменуваме податоци и завршуваме со покана и тие да дојдат да возат во Македонија.

К4Т – Кои беа реакциите на луѓето кои ве сретнуваа. Имаше ли интересни моменти со некој од публика или пак можеби со некој од велосипедистите?

Слободан – Мене најмногу ми значеше разговорот со Шон Кели. Му пријдов џентлменски, бидејќи знам дека и тој е џентлмен. Тој моментално работи како стручен коментатор за британскиот Јуроспорт, а е поранешен Вуелта шампион и еден од најголемите во овој спорт. Нè праша од каде сме, колку планираме да извозиме, кои премини ќе ги качуваме. Разговорот го завршивме со неговите предвидувања за таа етапа и тој со нас го сподели својот стручен коментар, пред тоа да го каже пред камерата на Јуроспорт.

А обичните луѓе најчесто нè поздравуваат со Напред Шпанија или Напред Каталонија. Боите на знамето се слични. Кога ќе им објасниме од каде сме обично се зачудуваат, а други искрено се радуваат.

Во Гап исто така сретнавме еден велосипедист од Нов Зеланд. Кога му кажав дека сум од Македонија, ми рече: Чекај малку! Од кај Александар? Па тој е ваш. Тој е најголем. Човекот знаеше многу за воената историја. Луѓето генерално ја доживуваат Македонија како некое егзотично место некаде на Балканот, не се сигурни каде, но некаде во Европа. Нè препознаваат по Горан Пандев или Кире Лазаров. Главно по убави работи.

К4Т – Си направил разговор со директорот на Тур де Франс, Жан-Луј Пиже. Раскажи ни нешто повеќе за тоа.

Слободан – Тоа се случи на 13 јули попладнето на Мон Венту. Ние дента ја искчиваме планината од страната на Солт и веднаш најдовме место за кампинг бидејќи таму планиравме да спиеме. Попладнето почнаа да доаѓаат лушето од организацијата за да мерат и да го планираат утрешниот финиш на етапата и каде ќе биде поставена бината за прогласувањето.

Јас го познав директорот на турот господин Жан-Луј Пиже и му пријдов. Го прашавме каде ќе биде целта на утрешната етапа како би се наместиле поубаво да гледаме. Му кажавме дека ќе спиеме тука на врвот на 1911 метри. Потоа тој детално ни мереше и ни објаснуваше сè околу целта и прогласувањето, и некои работи околу турот.

Тоа е најпристапниот и најобичниот човек што ќе го видите во Франција. А милиони луѓе доаѓаат токму да го видот она што тој го работи. Можат малку нашиве спортски работници да одат на ТдФ и да го видат Пиже на дело. Тој е пример за голем човек.

К4Т – Долови ни малку од атмосферата. Како е да се биде таму во редови на врвни атлети и тимови на најпознатата велосипедска трка во светот?

Слободан – Работите обично одат вака. Секогаш се трудиме да бидеме на финишот на етапите и затоа преноќуваме во близина или во самиот град каде што е целта. Утрото се будиме помеѓу 6 и 7 часот. И веднаш одиме на оградата на самиот финиш. Обично се местиме на 25 метра од целта. Го означуваме местото со точак или знаме дека е зафатено.

Потоа се одалечуваме малку за да доручуваме, но местото не го испупштаме од вид за да не ни го зафатат. После доручекот се „лепиме” за оградата и таму остануваме до 18-19 часот попладнето. Не секогаш е пријатно да се биде изложен на силно сонце по 12 часа.

Во меѓувреме монотонијата ја разбива караванот со спонзорите или разговор со некој друг ревносен навивач како нас. На оградата на целта среќавате луѓе од цел свет од секакви профили. Разговорот со нив е бесценет. Турот е она што не обединува во тој момент. Но ние разговараме на секакви теми и меѓусебно црпиме огромно искуство.

К4Т – Кажи ни нешто повеќе за Надица, прва дама на ваква експедиција. Како таа се справи со предизвикот, или можеби беше подобра од вас машките?

Слободан – Многу ми беше чест што токму Надица беше дел од тимот. И правата година имамвме план да дојде довојче но не успеавме. Надица го извозе и уживаше во секој километар исто како и мене и Андон. Надица е физички силна, посветена, но беше полна со сомнежи дали ќе може да ги качи сите тие превои. Откако ќе го направеше тоа, посебно му се радуваше на успехот и беше повидно среќна од нас. Посакувам повеќе луѓе да можат да го доживеат тоа што го доживеа Надица оваа година. Се надевам дека доколку одиме следната година, експедицијата ќе биде побројна.

К4Т – Дали планирате ова да го правите додека Македонија конечно испрати претставник на Тур и дали можеби ќе продолжите да не’ претставувате доколку и тоа се случи?

Слободан – Од сегашна гледна точка не можам да кажам дали и следната година ќе одиме, но можам да кажам дека ако одиме тоа ќе биде во друг формат. Морам повторно да го најдам предизвикот и ентузијазмот што го имав пред три години. Со искуството се намалува и предизвикот. Веќе ги имаме искачено сите поголеми и позначајни превои на Алпите, бевме на вкупно 15 етапи на ТдФ каде што се чека на сонце по 12 часа за да пројде караванот, возено стотици километри на дожд и чекано со часови да преврне.

А посакувам еден ден и Македонија да има свој претставник на турот и ние да одиме и да го поддржуваме. Е тоа ќе биде нешто. Обично не прашуваат од која држава сме. Потоа не прашуваат дали имаме наш возач на турот. Велиме дека сеуште нема Македонец натпреварувач. И разговорот завршува со нивното прашање: Па зошто сте тогаш тука? Што да им одговорам?

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија