40 години од првата македонска трансверзала

Во петокот на 27.06.2014 во просториите на „Даре Џамбаз“ во организација на ПД „Трансверзалец“ беше одржана презентација за првата и најзначајна македонска планинарска трансверзала која за прв пат беше одржана во 1974 година од страна на членови на тогашното ПД „Елема“.

Западно македонската трансверзала која воедно беше и првата коректно маркирана и помината трансверзала во нашата држава во 1974 година се смета и за една од најубавите, но и потешките со оглед на должината и теренот кој што се минува.

Имено, таа поврзува две локации, врвот Љуботен на Шар Планина како стартна и Охрид како целна точка, а се минува низ осум контролни точки преку цел шарпланински масив, Рудока и Враца, Маврово и Бистра, Мијачкиот регион, Стогово планина, Караорман за да заврши во селото Ботун, охридско.

Вкупната должина на трансверзалата е околу 200 км. кои минуваат низ прекрасниот и раскошен западен дел на Македонија, а првиот и најголем сегмент на истата, Шар Планина, нуди минување низ повеќе врвови кои се над 2000 м.н.в и посета со евентуално кампување близу пет планински езера.

Оваа година трансверзалата после подолг период на стагнација на задоволство на многумина повторно ќе биде реализирана од страна на ПД „Трансверзалец“, а ќе стартува наредната недела на 04.07.2014 и во зависност од движењето на групата предвидено е пристигнување во Охрид на 12.07.2014.

 

На вчерашната презентација во „Даре Џамбаз“ водена од членови на тогашното планинарско друштвот Елема (составено пред сè од студенти на повеќето технички факултети во Скопје) се бевме навратиле низ почетоците на оваа убава планинарска традиција која досега се има повеќепати минато во летен, но и неколкупати во зимски период.

Прекрасно беше навраќањето преку излитените, но богати фотографии направени од членовите на „Елема“ и „Трансверзалец“ низ нивните патешествија. Преку Љуботен за Пирибег, од таму за врвот Бистрица – „Елема“, Кобилица па Караниколичките езера, изворите на Пена и Титов врв. Од тука за Рудока и Враца, Шутман и Луково поле за да се стигне и здивне во Маврово. Следи Бистра со Меденица, па Галичник, Тресонче и Лазарополе, Гари преку Бабин срт за Орли врв и Ботун.

На крајот од презентацијата им беа доделени почесни признанија на членовите на ПД „Елема“ кои беа најзаслужни за формирањето и одржувањето на оваа трансверзала низ годините.

Повеќе за западно македонската трансверзала може да се информирате тука, а пријавувањето е во тек.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија