Кратко интервју со проф. Снежана Марковиќ Темелкова по повод светскиот ден за борба против остеопорозата

Оружјето за борба против остеопорозата

20 октомври беше светски ден за борба против остеопорозата, по тој повод направивме краток разговар со проф. Снежана Марковиќ Темелкова, ендокринолог и претседател на Македонското здружение за остеопороза, воедно членка на интернационалната фондација за остеопороза. 

Како системско скелетно заболување остеопорозата претставува закана за многумина, особено за женската возрасната популација. Физичката активност и исхраната се основа во превентивата од остеопороза.


Која е основната етиологија на остеопорозата?

Во тек на нашиот живот коскеното ткиво постојано се изградува и разградува. Во тек на детството, пубертетот и адолесценцијата поголема е изградбата од разградбата. Околу 30та година, па до 40та година има плато до менопаузта, откаде започнува интензивен губиток на коскеното ткиво. Етиологијата е најчесто возраста, белата раса е поподложна како и женскиот пол.

Што вели статистиката во Македонија во однос на светските бројки?

Според екстраполирани податоци од надвор и според последната званична јавна статистика на возраст над 50 години во Македонија има околу 530 илјади жители од кои потенцијално може да имаат остеопороза околу 90 илјади.

Колку пасивниот животен стил е причина за појавата на остеопорозата?

Од детството па се до староста инактивитетот е еден од најзначајните причини за остеопорозата – фактор на кој можеме да делуваме – се разбира ако сакаме.

Дали редовните физички активности се доволна превентивна мерка за сочувување на коскената густина и кои се препорачани спортски активности за превенција? Постои ли разлика помеѓу активности како пливање, возење велосипед, трчање и дигање тегови?

Апсолутно. Тука влегуваат антигравитационите вежби како што е трчањето, а не возењето велосипед и пливањето. За постарата возраст важни се и вежбите за координација како и пилатесот и јогата.

Правилната исхрана сигурно е фактор и допринесува во превенцијата, каков тип на исхрана е потребна?

Исхана богата со млеко и млечни производи е важна (еден литар млеко или јогурт или 250 грами сирење, урда што е околу 1000 мг калциум дневно). Сончање наутро половина час без заштитен фактор за витамин Д, потребен за вградување на калциумот во коските. Дневните потреби на витамин Д за популационата група над 50 години се 800 ИЕ (интернационални единици). Сепак нивото на калциум и витамин Д може да се провери на институтот за Клиничка биохемија во Клиничкиот центар во Скопје и по потреба да се додадат суплементи.

Дали вегетаријанскиот стил на исхрана е проблем?

Вегетаријанците може да користат суплементи ако во крвта имаа дефицит на калциум и витамин Д.

Дали приказната дека спортски активности во младоста се гаранција за заштита на коскениот систем во поодминати години или тоа е заблуда?

Приказната не треба да има крај. Треба да се вежба цел живот, се разбира земајќи ја предвид здравстевната состојба на индивидуата.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија