Олимписка обука за напреден спортски менаџмент на спортската администрација во Р. Македонија

Датум на почеток:

01.01.2015

Време на почеток:

08:00

Локација:

НАСТАНОТ ЗАВРШИ

Време до почеток

00
Недели
00
Ден
00
Час
00
Минути

Инфо

Македонскиот oлимписки комитет, како небуџетска и невладина Олимписка институција, во изминатиот период успешно ги реализираше подготовките за одржување на “Олимписка обука за напреден спортски менаџмент на спортската администрација во Република Македонија” и истата се планира да се реализира во текот на 2015 година.

Станува збор за многу обемна едукативна обука која е осмислена од страна на Меѓународниот oлимписки комитет и претставува квалитетна теоретско-практична платформа за унапредување и зголемување на ефикасноста на работата на спортските институции низ целиот свет.

Наведениот едукативен програм треба да трае 7 месеци, започнувајќи од јануари 2015 година (7 модули од 2 до 3 работни дена).

Програмата на курсот во потполност е диктирана од страна на Меѓународниот oлимписки комитет, а е осмислена во соработка со повеќе од 150 светски признати научници и експерти од спортскиот менаџмент и опфаќа учење за клучните компетенции кои се неопходни за успешно раководење со спортските организации. Македонскиот олимписки комитет ги обезбеди најдобрите светски експерти во оваа област кои прифатија да бидат дел од оваа обука и кои се на врвните позиции во своите спортско едукативни институции, високо почитувани на глобално ниво. Македонскиот олимписки комитет ја препозна вредноста и потребата од систематското усовршување на професионалците во спортските организации и врз основа на позитивните ефекти од Олимписката едукација за спортски менаџент на извршните лица на Меѓународниот oлимписки комитет, одлучивме да започнеме имплементација на Олимписка програма за напреден спортски менаџмент.

Преку оваа програма се прави конкретен обид да се надмине недостатокот на национални програми кои се насочени кон едукацијата на спортските администратори и менаџери. За таа цел програмите се осмислени за да бидат испорачани до главниот носител на дејноста спорт односно до Националните спортски федерации.

Програмите ќе послужат како алатка за спроведување на обука на кадарот со цел усовршување на нивните знаења и вештини, која ќе создаде силни врски помеѓу менаџерите од различни спортови и ќе овозможи понатамошна размена на искуства, информации, знаења и вештини. Темите кои ќе бидат покриени со предавањата ќе бидат следните:
1. Уредување на олимписките спортски организации
2. Стратешки менаџмент
3. Менаџмент со човечки ресурси
4. Финансиски менаџмент
5. Маркетинг
6. Организирање на врвни спортски настани

1. Уредувањето на олимписките спортски организации (пример: национални спортски федерации, спортски клубови, спортски институции и сл.) е модул кој опфаќа прераспоредување на внатрешното уредување на спортската организација во согласност со опкружувањето во кое организацијата делува и нејзиниот историски контектст, утврдување на структурата, улогите и надлежностите во организацијата, користењето на информациски технологии и управување со промените.

2. Стратешкиот менаџмент со спортската организација опфаќа создавање на неопходни услови за почеток и подготовка на процесот на стратешко планирање, евалуација, изработка и примена на плановите со кои се остваруваат стратешките цели, како и проценка на спроведувањето на стратегијата како и проценка од евентуален ризик.

3. Менаџментот со човечките ресурси подразбира изработка и примена на правилата и прописите на кое се темели доброто управување со човечките ресурси, изработка и примена на стратегијата за човечки ресурси, идентификација на клучните принципи и активности за привлекување, регрутирање и мотивирање на човечките ресурси, примена на развојната политика преку програмите за обука, како и развивање на вештини за раководење.

4. Финансискиот менаџмент како составен дел од системот на управување, финансиска одговорност, изработка на финансиски план во согласност со стратегијата, изработка на проектни пресметки, утврдување на неопходните финансиски процедури, надзор и проценка на успешноста на финансискиот план и транспарентност при административно-финансиско работење.

5. Маркетингот како модул од оваа обука ќе биде насочен кон изработка на анализи на услугите на една спортска организација кон своите клиенти (партнери и/или спонзори) и унапредување на маркетинг услугите во однос на потребите и очекувањата на носителите на интересите, ефикасно управување со комуникацијата и анализа на се што е потребно за изработка на квалитетна маркетинг програма како и пристап до конкретен маркетинг пазар.

6. Организирањето на врвни спортски настани е модул кој подразбира учење за сите фази, од донесување на одлуки за организацијата, преку идентификација на главните фази во организацијата на настаните и зададените задачи, изработка на соодветни законски и оперативни рамки, идентификација на потребните човечки ресурси и инфраструктура, до изработка на распоред, следење и проценка на искористените ресурси.

“Олимписката обука за напреден спортски менаџмент на спортската администрација во Република Македонија” е наменета за вработените во спортските организации за проширување на нивното знаење за менаџерските вештини, а кумулативните ефекти на истите се долгорочни и ќе послужат за создавање на спортска заедница која ќе има за цел да споделува искуства и знаење на највисоко можно ниво. Со презентирање на завршната студија од страна на кандидатите, размената на искуства, проучувањето на литературата која ќе ја имаат на располагање, на учесниците ќе им биде дадена можност да научат како успешно да имплементираат квалитетни програми, а со тоа и поефективно да раководат со своите спортски организации.

Во врска со тоа и во духот на зајакнување на меѓусебната соработка, даде можност за учество на еден претставник од Националните спортски федерации и другите спортски институции, за кој, од нивна страна до Македонскиот олимписки комитет ќе треба да се достави:
– потврда дека кандидатот е дел од повисокиот менаџмент на институцијата од која доаѓа;
– потврда за завршено високо образование;
– доказ за одлично познавање на англискиот јазик;
– биографија на кандидатот.

Овие документи треба да се достават до Македонскиот олимписки комитет најдоцна до 14.11.2014 година. Надлежното тело на Македонскиот олимписки комитет за селекција на кандидатите, по добивањето на сите доставени апликации, ќе направи селекција и ќе избере 20 кандидати кои ќе учествуваат во оваа обука.

Кандидатите кои нема да успеат да влезат во програмата за 2015 година ќе добијат шанса за учество на следната обука. Важно е да се напомене дека кандидатите кои успешно ќе ја завршат едукацијата ќе добијат валидна диплома од Меѓународниот Олимписки Комитет, диплома која претставува престижна препорака за работа во администрацијата на спортските организации ширум светот.

Финансиската конструкција на оваа Олимписка обука е во целост покриена од страна на Македонскиот олимписки комитет, преку програмите на Меѓународниот олимписки комитет. Македонскиот олимписки комитет искрено верува дека спортската администрација во Република Македонија ќе ја препознае вредноста на овој значаен проект кој ќе помогне во развојот на долгорочна и ефективна соработка помеѓу учесниците и носителите на олимпиското движење во Република Македонија.

Македонски олимписки комитет

Автор

Дејан

Скопје

Македонија