Велосипедската култура и локалната економија

Секој точкаџија го осеќа бенефитот на секојдневното возење велосипед. Но каков економски бенефит добива еден град од своите велосипедисти? Дали велосипедизмот игра клучна улога во подобрувањето на локалната економија?

Дали е економски подобро градот да има високо развиена велосипедска мрежа или автомобилите се подобри за локалната економија?

Низ светот се направени многу истражувања и студии за ова прашање а ние пронајдовме неколку здрави научни објаснувања кои следат подолу.

Истражување во Данска – Економскиот бенефит за централните градски подрачја

Данците во својот оддел за патна инфраструктура сакале да ги дознаат вистинските бенефитити кои се добиваат од велосипедската инфраструктура, за усогласување на идните чекори во работењето.

Од студијата која била направена се дознало дека дури 50% од муштериите во централните градски подрачја на големите градови се локалните велосипедисти и пешаци. Во малите и средни населени места таа бројка се движи околу 25%.

Најголемата причина за тоа е леснотијата и едноставноста за патување низ централните подрачја на градот, при што велосипедистите и пешаците застануваат многу повеќе во продавниците, маркетите, рестораните и сите останати комерцијални места. Истражувањето покажало дека велосипедот е најпосакуваниот метод за транспорт низ централните градски подрачја.

Сепак, при купувањето на намирници од локалните маркети сликата е поразлична. Околу 89% од испитаниците живееле поблизу од 2 километри до најблискиот маркет но скоро една третина од нив користеле автомобил при нивното купување намирници.

Според овие податоци, градот и локалните маркети ќе имаат поголем економски бенефит доколку го зголемат поттикот за користење велосипед при купувањето на секојдневни намирници од најблиските маркети.

Активните градови се просперитетни градови

„Нашите тела се дизајнирани за движење, такви треба да бидат и нашите градови.”

Има една прекрасна студија излезена во 2015та насловена како “Дизајнирани за движење: Активни градови” која е овластена од Најк заедно со голема група на универзитети и специјалисти за градскиот активен живот. Студијата претставува прирачник за градските лидери во создавање физички активен град со економски бенефити и прогресивност.

Способноста на градот да се натпреварува економски зависи од тоа колку е активна неговата популација.

Кога луѓето се физички активни, криминалот, загадувањето и автомобилските метежи се намалени, а продуктивноста, училишните резултати, вредностите на недвижнините, здравјето и благосостојбата се подобруваат драстично.

Градовите за кои физичката активност е приоритет, во кои постојните места се адаптирани за активна популација и во кои урбаната средина се дизајира за активни жители ќе создадат постојаност и наследство за физичка активност. Овие градови ќе бидат подобри во скоро секоја смисла на живеење.

Во студијата се дефинира дека:

  • Обележаните велосипетски патеки ги намалуваат велосипедско-автомобилските несреќи до 50%.
  • Криминалот опаѓа за 74% кога улиците стануваат забранети за автомобили  за време на викендите.
  • Неактивните градови губат билиони во трошоци од намалена продуктивност по лице.
  • Редизајнирањето на бизнис деловите од градот во мешовити можности за немоторни превозни средства и пешачење ја зголемува вработеноста и посетеноста за 300%.
  • 20 минутна прошетка се докажува дека е ефективна како медитација за третман од депресија
  • Скоро 9 од 10 луѓе велат дека велосипедските настани прават да се чуствуваат попозитивно во нивниот град.

Целата студија можете да ја прегледате овде, како златен рудник за градот е…

Бајкономија, економијата од вело-културата

“Bikeonomics, How bicycling can save the economy” е книга во која детално се истражени економските придобивки кои ги добива градот од велосипедизмот која може да се набави од амазон на следниов линк.

Накратко пронајдовме за какви економски работи се зборува во книгата:

Здравствени трошоци – Велосипедската инфраструктура има толку голема економска логика што буквално може да се дефинира како здравствена инвестиција. Кратките велосипедски патувања од околу 20тина минути дневно, се многу поедноставен и прифатлив метод за дневно раздвужување одколку одење во теретана.

Велосипедската инфраструктура е евтина и креира нови работни места – За разлика од патиштата кои се градат за моторни возила, градењето на велосипедска инфраструктура е многу поефтина инвестиција и бара многу помали трошоци за одржување во иднина. Воедно, велосипедските патеки создаваат поголеми можности за вработувања одколку патиштата за автомобили.

Паркингот – Огромни делови од градските површини реално имаат нефункционална намена – паркирање на автомобилите. Заедно со патиштата, градовите одвојуваат близу 65% од својата урбана средина за автомобилите. Градовите со тоа губат многу на економски план. Сите овие асфалтирани површини чинат многу за одржување и обновување. Економскиот бенефит би бил многу поголем со велосипедска инфраструктура и велосипедски паркинг места кои значат поголема раздвиженост за сметка на помала урбана површина.

Автомобилите се скапи, особено за луѓе со ниски месечни примања – Разликата во купување велосипед за секојдневен транспорт и купување автомобил за секојдневен транспорт е огромна. Трошоците за самиот автомобил и гориво за него во текот на една година споредено со велосипедот и трошоците за негово одржување се многу, многу различни, велосипедот има огромна предност со минимални трошоци за разлика од автомобилот.

За крај наш заклучок е: велосипедизмот значи многу повеќе од само здрав и чист транспорт. Вело – културата има толку многу бенефити за секој град што во 21 век секој град мора да ги осознае и користи за да добие многу подобар економски развој.