Скопје, те бараше Мексико Сити

Како другари по загадување Скопје и Мексико Сити имаат доста за меѓусебен муабет, поготово на темата за зголемување на градското зеленило кое и те како влијае на подобрувањето на чистотата и животот во градот. 

Она што нашиот главен град треба многу бргу да го научи, искористи и спроведе се вика граѓанска иновативност во создавање зелени површини, поточно, искористување на иновативни идеи од нашите сограѓани кои ќе го доведат во поповолна состојба моменталното кубурење на градот од зелени површини.

Мексико Сити како еден од најголемите градови во светот со своето огромно пространство е права бетонска џунгла во која тешко се наоѓаат места за зеленило. Но битката за чиста средина направила градот да постане инкубатор за многу иновативни граѓански проекти.

Еден од тие проекти им се вика VerdeVertical, или на нашки Вертикални Градини. Претставува граѓанска иницијатива водена од архитектот Фернандо Ортиз Монастерио кој заедно со 50тина луѓе од најразлични сфери на стручност ја формираат иницијативата.

Што им е целта со иницијативата? Користење на што е можно повеќе вертикални површини во градот за растење на зеленило со кое воздухот во градот ќе се прочистува и луѓето во него ќе можат да живеат во квалитетна животна средина со минималните 9м2 зеленило по жител. И тоа не е само за нивниот град туку за секој град во светот кој си пати од недостаток на зелени површини. (пр. населбите во Скопје и сите населени места во скопската котлина)

За креативноста и генијалноста на иницијативата и што се прават дружината од VerdeVertical ве оставаме да го погледнете објаснувањето на нивниот главен архитект. Размислете за прашањето кое го дава другарот Фернандо…

“Одличното е што ја имаме технологијата и идеите, така што проблемот не е во недостатокот на технологија која ке ни го подобри квалитетот на живеење, проблемот е во моралот.

Дали сме подготвени да го промениме начинот на кој живееме?

Не можеме да очекуваме дека ќе стигнеме на друго место ако ја правиме истата работа како и претходно.Дали ти мислиш дека сме спремни да се менуваме за да имаме подобра иднина?”

Повеќе погледнете во ова видео: