Наслов

Развојот на Германската енергетска транзиција

Сторија за најиновативната нација и нејзиниот огромен потфат да си го исчисти енергетскиот сектор од загадувачки и загрозувачки производства и да си ја осигура здравата економија и добриот живот на своите граѓани.

Исто како видеото од NatGeo, Германија во последните 3 децении е во тивка но огромна енергетска транзиција.

Тоа што го направиле жителите на Шонау во почетокот на 1990тите било само почеток на Германската одлучност да го трансформираат својот енергетски сектор и да постанат светски лидери во технологиите кои ја прават енергетската транзиција возможна.  

Како започнува националната сторија за чиста и децентрализирана енергија?

Германија е една од најиновативните држави во светот и број 1 во Eвропа по иновативност. Кога на тоа се додадат и напредни политичари кои размислуваат и делуваат за долгорочна добродет на Германија, Европа и целиот свет, енергетската транзиција си го наоѓа патот за развивање.

Во почетокот на 1990те, по паѓањето на берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија, во Германското општество веќе започнале првите промени кои ќе создадат одлични услови за инвестирање во обновливливи технологии.
Владата на тогашниот германски канцелар, Хелмут Кол, ја донесува првата Feed in тарифа, прва таква мерка во цела Европа, со која луѓето и организациите кои сакаат да инвестираат во соларни панели, ветерници и мали хидроцентрали, добиваат сигурност во приклучувањето на електричната мрежа и дефинирана долгорочна цена за откупување на енергијата која ќе ја произведуваат. Како прва таква мерка, имала доста недостатоци но била одлична основа за понатамошно унапредување.

Како што одминувале 1990тие години така и свеста за клучните мерки кои треба да се донесат за вистинска трансформација на енергетиката се подобрувала. Со стапувањето во новиот милениум се донесува германскиот Акт за Обновлива Енергија

Актот за Обновлива Енергија е еден од најнапредните мерки кој во тоа време е донесен во светот, а во неговото создавање голем удел имал Херман Шиер, германски политичар кој често е споредуван со Стив Џобс за огромната улога што ја имал во промовирањето на соларната енергија и овозможувањето на целата соларна индустрија во светот да се развие со забрзано темпо. 

Најкратко кажано, тоа што Херман Шиер го согледал е способноста на соларните панели да бидат поставени кај секое домаќинство и слично како што компјутерите постанаа домашни и ги има во скоро во секој дом и организација, така и соларните панели треба да бидат домашни и да овозможат секое домаќинство и организација да произведува енергија.

Актот за Обновлива Енергија го овозможувал токму тоа, сет закони и регулаторни правила со кои:

  • се гарантира приоритетен пристап на електричната мрежа за струјата произведена од обновливи извори од било кои производители (домаќинства, мали и средни претпријатија, кооперативи, големи производители...);
  • се дава сигурност во инвестирањето со дефинирана цена на произведената енергија која овозможува поврат на инвестициите и остварување профит;
  • нема ограничувања за колкав капацитет на обновливи извори е дозволен да се инсталира во државата.

Ова овозможило индивидуите, домаќинставата, малите и средни претпријатија, кооперативите и локалните заедници слободно да инвестираат во технологиите за производство на чиста и обновлива енергија и да се натпреваруваат со големите енергетски компании на слободниот пазар за енергија.

Префлување во сегашноста - и може да се забележи дека енергетската транзиција во државата е движена од германските граѓани, локалните заедници и малите и средни претпријатија.

Тие сакаат чиста енергија (92% од населението ја подржуваат енергетската транзиција) и сакаат сами да ја произведуваат. Повеќе од половина од инвестираните средства во обновливи извори се од мали инвестиции, воглавно од домаќинствата и малите и средни претпријатија. Големите корпорации дури сега почнуваат да инвестираат во обновливи извори на енергија.

Особено интрересно што се овозможува со актот за обновлива енергија е руралната енергетска револуција. Руралните заедници создаваат нови големи придобивки и многу нови работни места што овозможуваат напредок и опстанување на руралните места. Еден таков пример е селото Вилполдшриед, кое произведува 5 пати повеќе енергија од своите потреби, вишок енергија која ја продаваат на слободниот пазар а со тоа имаат дополнителни приходи.
Подолу можете да го прегледате краткиот видео репертоар од DW посветен на селото Вилполдшриед каде посетители од целиот свет доаѓаат да го видат енергетскиот напредок на селото и да го пренесат искуството во нивните земји.

Многу локални заедници, слично како селото Вилполдшриед, во јужните делови на Германија инвестираат во соларни системи, а во северните делови каде има многу повеќе ветер, во ветерници.

Граѓаните оформуваат енергетски кооперативи (веќе постојат над 1000) и така заеднички инвестираат во големи ветерници, соларни централи и биогасни централи создавајќи ја енергијата која им е потребна во своите заедници и продавајќи ја дополнителната енергија на најблиските заедници каде има потреба.

Германските градови пак, каде живеат многу повеќе жители, се исто така активно вклучени во својата енергетска трансформација, најмногу во унапредувањето на својата енергетска ефикасност. Како огромни заедници со многу домаќинства и компании во нив, градовите се главните потрошувачи на енергијата во државата па така со години наназад тие работат на зголемување на ефикасноста што доведува до многу помала потреба и потрошувачка за енергија.

Резултатите од енергетската трансформација најлесно можат да се сфатат со фактот дека скоро сите германски градови се на врвот во Европа по својата енергетска ефикасност, и постојано се или "Европски зелен град на годината" или во најтесниот избор. (Европски зелен град за 2017та е Есен, клик овде)

Од сите градови како пионирски се издвојува Фрајбург, кој во 2009та бил Европски зелен град на годината. Во Фрајбург уште во 90тите години се појавиле првите компании за производство на технологии за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, а сега таму е стационирана најголемата германска фабрика за производство на соларни панели. Како пионири во зелената економија, во Фрајбург постојат цели населби кои се самоодржливи и во кои не се користат автомобили. (повеќе за Фрајбург овде)

Сето ова што досега успеа да го направи Германија овозможи една третина од електричната енергија да им доаѓа од обновливи, чисти и безбедни извори, да има над 400.000 вработени само во тој сектор и да има најниско ниво на невработеност од обединувањето во 1990та. Економијата од обновливата енергија исто така им помогнала успешно ја пребродат и финансиската криза во 2009та, многу подобро од другите држави. Но долгорочната цел им е не само чиста енергија, богата зелена економија и ниска невработеност туку како првенци во овие нови и напредни технологии да имаат свои "Made in Germany" производи и услуги со кои ќе помогнат целиот свет да ја направи енергетската транзиција.  

07 Јули 2017

За авторот