Наслов

Почетокот на енергетската транзиција во Германија

Сторија за една обична локална заедница која го стартуваше најголемото движење во светот кое денеска е во полн ек и нема да заврши се додека целиот свет не се префрли на 100% чиста, обновлива и безбедна енергија. 

На горната слика се германската брачна двојка Урсула и Мајкл Сладек, обични жители на германското планинско гратче Шонау во југозападна Германија. Урсула е поранешна учителка а Мајкл бил доктор по професија. Сега веќе се пензионирани во своите 70-ти години и сеуште си живеат во Шонау.

Другиот дел кој ја исполнува сликата се соларните панели, а панелите заедно со оваа среќна брачна двојка го претставуваат почетокот на едно од најреволуционерните движења во денешново време, движењето Energiewende или на нашки кажано Енергетска Транзиција.

Енергетската транзиција значи напуштање на загадувачките и опасни извори на енергија на едно општество и преминување кон чисти, обновливи и безбедни извори на енергија. Како прво развиено општество во светот кое започна со својата енергетска транзиција е Германија, па зборот Energiewende стана интернационално популарен и се користи низ целиот свет кога се зборува за преминот кон чисти енергетски извори.

Почетокот на Energiewende во Германија датира уште во 70-тите години на минатиот век, со првите протести против нуклеарните централи за производство на стуја. Но вистинските промени во енергетиката на Германија започнуваат по Чернобилската катастрофа во 1986та кога нуклеарната централа во Украина експлодирала и радиацијата од Чернобил се проширила низ цела Источна и централна Европа.

Тогаш почнува и енергетската приказна на фамилијата Сладек и жителите на гратчето Шонау, кои 10на години по чернобилската катастрофа ќе постанат првата локална заедница во западниот свет која самостојно ја произведува и дистрибуира електричната енергија за своите потреби која доаѓа од соларни панели и мали хидроцентрали.

По првичните вести за експлозијата која се случила во чернобилската нуклеарна централа, германските официјални лица укажувале дека нема потреба од грижи за безбедноста и здравјето бидејќи тоа е 2000 километри далеку од Германија.
Но радиоактивните честички од Чернобил почнале да паѓаат и во Германија. Имало денови кога жителите биле предупредувани да останат во своите домови поради радиоактивните честички во воздухот.

Нуклеарната катастрофа имала големо влијание на свесноста за енергетските извори во германското општество. Во тоа време Германија својата електрична енергија воглавно ја произведувала во нуклеарни централи и термоелектрани на јаглен.

Кај фамилијата Сладек и кај останатите жители во гратчето во кое живееле свесноста пораснала до тој степен што тие формирале локално движење за да се осигураат дека жителите на Шонау ќе бидат тие кои треба да одлучуваат како се произведува електричната енергија која ја користат.

Првото нешто што го направиле е да ја замолат регионалната енергетска компанија да престане со нуклеарното производство на енергија и да пронајдат чисти начини на производство кои не се штетни за населението. Енергетската компанија едноставно го одбила тоа. Но тоа што компанијата воопшто не го приметила кај жителите е нивната одлучност да ги променат работите и да си обезбедат чиста и безбедна иднина за себе и сите останати.

Во наредните години Урсула и Мајкл Сладек изучиле се што е поврзано со електричната енергија, нејзиното производство, работењето на комплексната мрежа на жици, дистибуцијата на електричната енергија, подстаници, трансфроматори... Урсула како учител во локалното училиште добро знаела како да ги научи жителите на своето гратче како всушност функционира целиот енергетски систем и што тие како заедница треба да направат следно.

Електричната мрежа била направена уште пред еден век и имала едноставен организациски принцип: Струјата која се создава од неколкуте огромни електрани треба да се достави до милиони корисници, низ целиот регион. Системот функционирал добро се додека има доволно произведена струја која ќе ги задоволува потребите на корисниците во било кој момент.

Локалната заедница во Шонау имале за цел да направат комплетна промена на овој застарен систем на функционирање. Од централен систем на произведување енергија во децентрализиран систем каде голем број на мали фотоволтаични системи ќе ја произведуваат енергијата која им треба на корисниците и остатокот од произведената енергија ќе се споделува во електричната мрежа.

Идејата ја промовирале под мотото BurgerEnergie - енергија произведена од граѓаните. Во тоа време тие не биле свесни дека тоа значи директно предизвикување на интересите на моќните електрични компании кои биле задоволни со монополистичкиот и многу профитабилен статус кво. Тоа всушност им била среќна и олеснувачка околност за да продолжат со своите активности и да си обезбедат чиста и безбедна енергија за својата заедница. 

Веќе со почетокот на 90тите години имале два референдума во Шонау за енергетската мрежа и започнале кампања за собирање средства за купување на локалната електрична мрежа со цел тие сами да ја управуваат. За кратко време веста за нивната енергетска битка се проширила низ целата германска јавност. Медиумите започнале да ги нарекуваат "електричните бунтовници". Слоган кој останал да се применува кога и да се спомнувала нивната сторија.

На крајот, електричните бунтовници победиле. Ја одкупиле електричната мрежа и добиле ново име на сега заедничката локална електрична мрежа - Schönau Electric Power Co., со Урсула Сладек како претседателка на компанијата. Веќе во 1996та преку локална мрежа на соларни панели и мали хидроцентрали, тие го снабдувале целото гратче со чиста енергија.

Оваа победа на малото село Шонау, која овозможила целосна енергетска транзиција во 100% чиста, безбедна и локално произведена енергија, е првиот случај во развиените западни држави но воопшто не и последниот. Тоа што следува по енергетската транзиција на Шонау е националната енергетска транзиција на Германија која пак го стартуваше почетокот на глобалната енергетска транзиција. 

15 Јуни 2017

За авторот