Летни горештини – Како се задржува ладното во домот

Во овие жешки денови, домот ни абсорбира топлина од надвор, но во исто време топлина се создава и од нашите активности внатре во домот. За да имаме што поладен дом во текот на жештините треба да се погрижиме да ги лимитираме и намалиме овие извори на топлина.

 

1. Како надворешната топлина ни влегува во домот и како да ја спречиме?

Кога надвор е жешко, надворешната температура е доста поголема од онаа внатре во домот, па така, природата си бара начин како да ја избалансира оваа разлика. Затоа, како домаќини, треба да се погрижиме да ги намалиме можостите на топлината да влегува во нашиот дом.

Кој дел од објектот каде живееме е најтопол за време на летните горештини?
(мало олеснување: каде се поставуваат сончевите колектори за топла вода?)

Таванот на објектот за време на летните горештини станува најжешката просторија бидејќи има најголема изложеност на сонцето. Ако надвор е 40 степени, температурата на таванот може да достигне и до 60+ степени. Оваа топлина понатаму се пренесува кон подолните делови на објектот, а во вечерните часови спречува објектот да се излади. Интервенцијата која треба да ја направите е > да овозможите воздухот на тавнот да се вентилира, дали преку отворени прозорци (ако има прозорци на таванот), или пак да поставите вентилатор кој ќе внесува поладен воздух од надвор. Најдоброто и долгорочно решение е да поставите квалитетна изолација на покривот со што ќе се спречува загревање на таванскиот простор.

Втората најголема можност на топлината да влезе во домот е преку прозорците и надворешните врати (кога се отворени). Тие се големи отвори за влез на надворешната топлина па затоа треба да ги затворете сите прозорци и надворешни врати. Но освен тоа, треба да се погрижите и да ги покриете сите прозорци (спуштени ролетни) кои се наоѓаат на јужната, југоисточната и југозападната страна на домот, за да спречите директно загревање од сончевите зраци. Ако немате ролетни на прозорците, направете повремени рефлектори – ставете рефлектирачка фолија на картон со димензија како големината на прозорецот и поставете ја на надворешната страна на прозорот за да се рефлектира светлината. Навечер, кога веќе е поладно надвор, отварајте прозорци за да направите природна вентилација и да го освежите внатрешниот воздух.

Надворешните ѕидови за време на жештините се загреваат па така тие стануваат третата најголема можност за топлината да влезе во домот. Идеално, најдобра заштита за загревањето на ѕидовите е добрата топлинска изолација која спречува топлината да премине кон внатрешната страна на ѕидот. Но не е само изолацијата добар спречувач на надворешната топлина.

Одлична заштита се и големите дрвја и вегетација кои доколку ги имате на јужната страна, прават сенка на голем дел од објектот. Ако нема, планирајте да засадите дрвја кои со тек на време ќе прават се “подебела” сенка. Летата ќе стануваат се пожешки со тек на годините поради климатските промени, па засадувањето дрвја на јужната страна сметајте го како ваша лична адаптација кон промените. Исто така важна е и бојата на надворешните ѕидови, ако тие се бели тогаш најмногу ќе ја рефлектираат сончевата светлина и ѕидовите помалку ќе се загреваат.

2. Од каде ја создаваме топлината во домот за време на летните месеци?

Во секој дом имаме 3 внатрешни извори на топлина во летните денови, кои можеме да ги лимитираме кога сме свесни за нив и имаме летен начин на функционирање во домот.

Првиот најголем извор на топлина од домот се создава во кујната. Таму приготвуваме храна, ги миеме садовите, ни работат кујнските апарати… За да го намалиме овој извор, како наједноставна мерка е да избираме ладна исхрана наместо топла, зготвена исхрана која бара високи температури за приготвување. Сепак, за храната која треба да ја зготвите, најдобро е ова да го направите во летна кујна доколку имате таква или пак на тераса, со што топлината од готвењето нема да го загрева внатрешниот простор. Миењето садови правете го во вечерните часови, со што ќе избегнете создавање топлина од топлата вода за садовите.

Вториот најголем центар на создавање топлина во домот ни е купатилото, односно топлото капење и туширање, активност која создава влажен и топол воздух и влијае во зголемувањето на внатрешната температура во домот. Одбирајте ладни капења преку ден, со кои ќе се разладите и нема да создадете дополнителна топлина во домот. Пералната за алишта вклучувајте ја во вечерните часови со што не само што ќе избегнете додатна топлина во домот преку ден туку и ќе ја намалите сметката за струја, користејќи ја ефтината тарифа.

Останатите извори се електричните апарати кои се загреваат кога и да се вклучени. Најдобро нешто за време на жешките денови е да ги исклучите од струја доколку навистина немате потреба од нив. Истото важи и за сијалиците, ако немате потреба од светлина, гасете ги за да не ви создаваат топлина во домот.