Наслов

Кога дишењето убива

Темата за аерозагадувањето се актуелизира правопропорционално со висината на измерените вредности за концентрацијата на ПМ честичките во воздухот. Доволно е да дувне еден ветер и сите некако забораваат дека голем дел од државава се соочува со огромен еколошки проблем. А кога е лето и не го гледаме смогот околу нас, тоа е толку далечна тема што дури и најзагрижените граѓани и активисти ја оставаат на страна.

Но, загадувањето не мора да е видливо во форма на смог. Доколку се движи во граници до 10-20% над дозволеното тоа е невидливо и не чувствуваме краткорочни последници, но тоа не значи дека не е присутно. Можеби не е секојдневно, но скоро сите мерни станици покажуваат надминување на дозволените граници за ПМ10 честички дури и преку лето.

Но, есента не е далеку, а со тоа и новиот бран екстремно загадување. Секоја година со доаѓањето на зимските месеци само ги рушиме рекордите за концентрација на ПМ10 честички во воздухот. А со ова и секоја година се зголемува бројот на луѓе кои заболуваат од најразлични болести предизвикани од аерозагадувањето.

На 04.02.2017 мерната станица за квалитетот на воздухот во Тетово измери 1.218 μg/m3 концентрација на ПМ10 честичките. Ова е најверојатно рекорд во периодот откако почнаа да се мерат овие параметри за квалитетот на воздухот, а сигурно е рекорд откако постои апликацијата Мој Воздух која значително го олесни пристапот до овие информации. Овој податок е доволно страшен сам по себе, но ни приближно не ја отсликува големата слика. А таа не е составена само од повремени пречекорувања на дозволените граници. Многу поважен и пострашен податок е бројот на денови годишно кога била надмината дозволената граница за концентрација на ПМ честичките. За жал поради нередовно одржување на мерните станици податоците не се комплетни за сите градови, но дури и со некомплетни податоци бројките се фрапантни. Според Годишниот извештај за квалитетот на животната средина за 2015 година (линкот за 2016 не им работи?) издаден од Министерството за животна средина и просторно планирање, Тетово во таа година имало 360 дена со надмината дозволена вредност на ПМ10 честички. Тоа е континуирано целогодишно изложување на високо загаден воздух!

Ако се земе во предвид дека дозволениот број на надминувања на среднодневната гранична вредност во текот на една година, според препораките од Светската здравствена организација, е 35, тогаш жителите на Тетово „добиле" десет пати повеќе денови со висока концентрација на ПМ10 честички. Дополнително, не станува збор за вредности на загадувањето кои се блиски до горната гранична вредност, туку многу често тоа се вредности десет, па и дваесет пати над истата.

Ова веќе не е некој еколошки проблем кој го гледаме само на вести или во интернет портали. Тоа е проблем кој директно влијае на квалитетот на животот и на здравјето на секој поединец.

Властите веќе континуирано, со години, се пасивни и незаинтересирани за решавање на проблемот со аерозагадувањето. Дополнително, покрај нерешавањето на проблемот, нема никакви препораки за индивидуална заштита на граѓаните освен повремени кратки изолирани изјави и нафрлани информации по социјалните мрежи. Нема никаква едукација за составот на воздухот што го дишеме, нема никаква реакција од здравствените установи за последиците по здравјето од истиот, нема никакво објаснување за средства за лична заштита.

Надежта дека со промената на власта малку посериозно ќе се пристапи кон проблемов заради кој се губат над 1.500 животи годишно, сè повеќе бледнее како што одминува времето. Октомври воопшто не е далеку, а до сега немаме ни најмала најава дека се подготвуваат некакви мерки. Па така очекувањата за некакви конкретни решенија сега се во рангот на научна фантастика. Можеби баш затоа ова е добар момент да се едуцираме што ќе ни донесе и оваа зима на здравствен план.

Што се ПМ честички (Particulate Matter)?

Иако повремено има проблем и со други загадувачи на воздухот, во Македонија главниот проблем е со ПМ честичките. Тие се широко распространет аерозагадувач, составен од мешавина на цврсти и течни честички суспендирани во воздухот.

Најчесто користени индикатори кои ги опишуваат ПМ честичките кои се релевантни за здравјето, се концентрацијата на честички помали од 10 μm (ПМ10) и честички со дијаметар помал од 2,5 μm (ПМ2.5). ПМ2.5 честичките делумно се состојат и од ултрафини честички со дијаметар помал од 0,1 μm.

ПМ честичките со дијаметар помеѓу 0,1 μm и 1 μm може да останат во воздухот со денови или недели и со тоа да станат предмет на далекусежно (некогаш и прекугранично) пренесување со воздухот.

Горната дневна дозволена граница за ПМ10 честичките е 50 μg/m3. Горната дневна дозволена граница за ПМ2.5 честичките (кои според мерењата во Центар и Карпош се 70-80% од измерените ПМ10 честички) е 25 μg/m3. Иако и најмалата концентрација влијае на здравјето, секое надминување над оваа граница веќе значитено ги зголемува негативните последици.

Зависно од локацијата и потеклото ПМ честичките може да варираат во физичкиот и хемиски состав. Чести хемиски составни делови вклучуваат сулфати, нитрати, амонијак, други не-органски јони како натриум, калиум, калциум, магнезиум и хлор, органски и елементарен јаглерод, почвини честички, метали (кадмиум, бакар, никел, ванадиум, цинк и други) и полициклични ароматични јаглеводороди (остатоци од согорување на фосилни горива).

Честичките може да бидат директно емитувани во воздухот (примарни ПМ) или да се формираат во атмосферата од гасовити претходници како сулфур диоксид, азотни оксиди, амонијак и неметански испарливи органски соединенија (секундарни ПМ).

И примарните ПМ и гасовите за формирање секундарни може да имаат вештачко (антропогено) или природно (не-антропогено) потекло.

Антропогените извори ги вклучуваат моторите со внатрешно согорување (и дизел и бензин), согорување на цврсти горива (јаглен, лигнит, мазут и биомаса) за производство на енергија во домаќинствата или индустријата, други индустриски активности (градежништво, рударство, производство на цемент, керамика и цигли, топење руда) и ерозија на асфалт од сообраќај и триење на кочници и гуми.

Секундарните честички се формираат во воздухот преку хемиски реакции на гасовити загадувачи. Тие се резултат на атмосферска трансформација на азотни оксиди (главно емитувани од возила и некои индустриски процеси) и сулфур диоксид кој е резултат на согорување на горива кои содржат сулфур. Секундарните честички најчесто се наоѓаат во ПМ2.5 честичките.

Повторно суспендирање на честички од почвата исто така може да предизвика зголемување на концентрацијата на ПМ честички во воздухот. Некогаш таквите честички може да преминат и големи растојанија, како на пример преносот на прашина од Сахара во Јужна Европа за време на летните месеци.

Кои се ефектите од ПМ честичките по здравјето?

Голем број на епидемиолошки истражувања покажале директна поврзаност помеѓу изложеност на голема концентрација на ПМ честички и повеќе различни негативни здравствени ефекти. Според Светската Здравствена Организација ПМ честичките предизвикуваат и преку 800.000 прерани смртни случаи годишно, што ги рангира како 13-та водечка причина за смртност во светот.

Неколку големи студии сугерираат дека ПМ честичките имаат значајни ефекти врз кардиоваскуларниот систем. Истражувањата на оваа тема се фокусираат и на долгорочните ефекти на хронична изложеност на ПМ честички, но и на ефектите предизвикани од кратка изложеност. Популацијата која е долгорочно изложена на ПМ честички има значително поголема бројка на кардиоваскуларни болести и поголема стапка на смртност од истите. Кратката изложеност суптилно ја зголемува шансата за кардиваскуларни „инциденти" во деновите со изразено голема концентрација на ПМ честички. Иако има податоци и за влијанието на ПМ честичките на цереброваскуларното здравје, сепак според нив влијанието на истото е помало.

Според истражувањата, изложеноста на ПМ честичките влијае на зголемување на инфламаторните цитокини IL-6, TNF-ά и CRP. IL-6 примарно се создава на места со акутна и хронична инфламација. TNF-ά (tumor necrosis factor) тесно се поврзува со присуство на повеќе автоимуни болести, инсулинска резистентност и канцер. CRP е тест маркер за инфламација на телото и неговото ниво се покачува како одговор на инфламација. Ваквата реакција на организмот индицира дека присуството на ПМ честичките предизвикува различни воспалителни реакции.

Акутна изложеност на ПМ честички предизвикува и промени во коагулацијата и тромбоцитната активација што овозможува поконкретна врска помеѓу ПМ честичките и заболувања на срцевите артерии. Многу експерти го поврзуваат и фибриногенот (протеин чија зголемена концентрација предизвикува згрутчувања на крвта) со кардиоваскуларни заболувања. Според истражувања пет дневно кумулативно изложување на ПМ10 честички доведува до зголемување на нивото на фибриноген.

Токму преку овие механизми на инфламација на организмот, како и директна и индиректна активација на механизмите за коагулација, ПМ честичките директно влијаат на појавата на кардиоваскуларни и цереброваскуларни болести.

Кога станува збор за ПМ2.5 честичките, ефектите се уште поизразени дури и по кратка изложеност. Утврдено е дека зголемување на концентрацијата на ПМ2.5 честичките од 10 μg/m3 во период од 24 часа го зголемува релативниот ризик за кардиоваскуларна смртност од 0,4-1%. Ова е теоретски статистички ризик за сите индивидуи. Така, зголемување на концентрацијата на ПМ2.5 честичките од 10 μg/m3 во период од 24 часа, теоретски може да придонесе до една смрт во 5 милиони луѓе. Ова вака можеби не изгледа многу, но ако се земе во предвид дека концентрацијата на ПМ2.5 честички во Скопје во одредени денови достигнува и до 600-700 μg/m3 тогаш ова се претвора во (теоретски) најмалку 10 смртни случаи дневно предизвикани од кардиоваскуларни заболувања поврзани со краткорочна изложеност на ПМ2.5 честички. Релативниот ризик при долгорочна изложеност на зголемена концентрација на ПМ2.5 честички е поголем и изнесува од 1,06-1,76%. Доколку ова се помножи со нивото на аерозагадување и популацијата во скопскиот регион во период од три месеци кога имаме изразено поголемо загадување, веќе стигнуваме до бројка блиску до 1000 смртни случаи во една зима и тоа само од кардиоваскуларни заболувања!

Доколку ова не звучи доволно страшно, уште пострашни се долгорочните последици од континуирана изложеност на зголемена концентрација на ПМ честички кај ембрионите и младата популација до 5-6 години. Изложеноста на екстремно аерозагадување резултира со намален раст на белите дробови, а со тоа и намален капацитет на истите. Ова понатаму ги прави тие деца високо ризична група за појава на кардиоваскуларни и пулмонарни заболувања, па така многу наредни генерации ќе имаат сериозни здравствени проблеми заради изложеноста на ова загадување.

IARC работната група во склоп на Светската здравствена организација едногласно го класифицираше аерозагадувањето и ПМ честичките како канцерогени супстанци за луѓето од прва категорија. Одлуката е заснована на резултати од повеќе епидемиолошки истражувања и многу други истражувања на механизмите поврзани со канцер. Зголемен ризик од рак на бели дробови е забележан во сите истражувања кои опфаќаат милиони луѓе и илјадници заболени од канцер на бели дробови од Европа, Северна Америка и Азија. Зголемен ризик поврзан со аерозагадувањето е забележан и кај студии ограничени на луѓе кои никогаш не биле пушачи. Нешто што за нас е најважно кај овие истражувања е дека сите биле изведувани во региони каде што просечната годишна концентрација на ПМ2.5 честички се движела од 10 to 30 μg/m3 што е далеку под нивото кое што го има во нашите градови. Зголемен ризик од рак на бели дробови е забележан дури и во места каде концентрацијата на ПМ2.5 честички е пониска од актуелните препораки, што дополнително ја истакнува нивната канцерогеност и општо штетното влијание по здравјето.

Иако целото население во загадените градови е жртва на последиците од екстремното аерозагадување, тоа е уште поизразено кај некои групи на граѓани. Ризикот кај луѓе кои се подложни на смрт од кардиоваскуларни болести (постари лица и лица со постоечки кардиоваскуларни болести) е многу поголем од погоре наведените бројки. Луѓе со хронични пулмонарни заболувања (на пример астма) имаат значително зголемен ризик за појава на дополнителни заболувања поврзани со аерозагадувањето. Исто така, во многу студии, и луѓето кои работат постојано изложени на надворешно аерозагадување или во близина на загадувач, покажале зачестена појава на кардиоваскуларни и пулмонарни заболувања, како и различни типови на канцер. Во овој дел, кај нас морам да ги наведам градежните работници кои покрај тоа што се постојано изложени на загаден воздух, работат на места кои се и директен производител на голем дел од ПМ честичките.

Како последица на сите фактори набројани погоре, па и многу други што не се опфатени тука, изложеноста на ПМ честички го намалува очекуваниот животен век на целата популација за 8,6 месеци просечно, а во најзагадените градови и до 20 месеци. Ова е нешто што треба да не засега сите, независно од работното место, местото на живеење, функцијата. Сите сме жртви, помалку или повеќе. Секоја година се губат илјадници животи заради проблемот со загадувањето на воздухот. Секоја година економијата губи милиони денари во форма на неодработени работни часови кои се последица на заболувања поврзани со загадувањето. Секоја зима клиниките се преполни и се трошат огромни средства за лечење на болести кои може целосно да се избегнат доколку се реши овој проблем.

И пак, секоја година сме сведоци како аерозагадувањето е сè полошо. Доколку не се изреагира веднаш, па ако може и вчера, ќе проживееме уште една зима обвиени во смог. Па на пролет ќе се преброиме колку сме преживеале.

 -----

Извори:

Годишен извештај од обработени податоци за квалитетот на животната средина за 2015 година од Министерство за животна средина и просторно планирање: http://airquality.moepp.gov.mk/airquality/wp-content/uploads/2012/03/Godisen-2015.pdf

Извештај од Светска банка за концентрација на ПМ2.5 честички: http://data.worldbank.org/indicator/EN.ATM.PM25.MC.M3?locations=MK

Извадок од препораки за квалитет на воздухот од Светска здравствена организација: https://books.google.mk/books?hl=en&lr=&id=7VbxUdlJE8wC&oi=fnd&pg=PR9&dq=particulate+matter+health+effects&ots=w196sSO5sb&sig=q4p-9MsdVCIGptcczUW98xj_WZw&redir_esc=y#v=onepage&q=particulate%20matter%20health%20effects&f=false

Сумирани резултати од повеќе истражувања за ефектите на ПМ честичките врз кардиоваскуларното и пулмонарното здравје – Journal of Medical Toxicology June 2012, Volume 8, Issue 2, pp 166–175: https://link.springer.com/article/10.1007/s13181-011-0203-1

Анализа за влијанието на аерозагадувањето врз кардиоваскуларното здравје од Аmerican Heart Association: http://circ.ahajournals.org/content/121/21/2331

Извештај од Меѓународна агенција за истражување на канцер за канцерогеност на аерозагадувањето. The International Agency for Research on Cancer (IARC) evaluation of the carcinogenicity of outdoor air pollution: https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC3975184/

05 Септември 2017

За авторот