Новозеландската „измама” за поголема сообраќајна безбедност

Сакајќи да го зголемат нивото на безбедност во сообраќајот на високо фрекфентните улици во Окленд, Нов Зеланд, градските власти тестираат една интересна финта со урбаниот дизајн. 

Големи обоени кругови се појавиле на двете најпрометни улици во центарот на Окленд во Нов Зеланд. Улиците кои сега се исцртани со големи кругови постојано имале голем број на пешаци и голем број возила, но сепак возилата кои минуваат низ улиците се движеле со големи брзини, што претставува опасност за сите корисници на улиците.

За да ги стимулираат возачите да ја намалат брзината и да возат повнимателно, градот одлучил да направи едногодишен тест со обојување на големи кругови по самите високо фрекфентни улици со што тие добиваат несекојдневен и изненадувачки изглед.

Сообраќајот се одвива според сите предходни правила, но поради зголеменото внимание кое возачите го имаат при согледувањето на неочекуваниот сет обоени кругови, тие ја намалуваат брзината и инстантно стануваат повнимателни на движејќи се на истата.

Искористена била формата на големи кругови бидејќи се интересни и создаваат елемент на изненадување. На следново видео, иако е само два дена по исцртувањето на круговите, се забележува како возилата ја намалуваат брзината или застануваат за да ги пропуштат пешаците.

Менувањето на навиките на возачите е тешка задача за секоја урбана средина, но примерот покажува како на пријатен и несекојдневен начин може да се добие инстант колективна промена.

Во исто време потсетува и колку важна улога игра бојата на асфалтот за да се контролира сообраќајот и однесувањето на луѓето, како на пример неузурпирањето на патеките наменети за велосипедски транспорт кога тие се правилно обоени на места каде веројатноста за узурпација е голема…